Презентирани девет проекти за намалување на загадувањето поддржани од ФИТР

48

Во Фонд за иновации и технолошки развој (ФИТР) денеска беа презентирани девет проекти за намалување на загадувањето на воздухот, поддржани преку три различни програми на ФИТР: О2 Предизвик, Комерцијализација на иновации како и Предизвик за млади истражувачи, стои во соопштението.

На презентацијата учествуваа претставници на домашни мали и средни компании, како и учениците од средното училиште Раде Јовчевски Корчагин од Скопје.

За презентираните проекти направени се мерења во лабораториска и реална средина, а резултатите беа презентирани пред присутните на денешниот јавен настан.

Проектот за електричен велосипед со вградени филтри за воздух на Венито Комерц покажува ефект на прочистување на загадување од ПМ10 и ПМ2,5 честички колку што создаваат два автомобили со дизел мотор. Прочистувачот на воздух за отворени средини на Дарис Инжинеринг се очекува да опфати површина од околу 400.000 метри квадратни и притоа првичните мерења покажуваат ефекти видливи на веднаш по поставувањето.

Проектот на Металотехника од Прилеп обезбедува заштеда на енергија за загревање на домовите од најмалку 30% со нанотехнологија технологија изработена од локални материјали.

Средношколците од Раде Јовчевски Корчагин презентираа концепт на “внатрешен прочистувач на воздух” базиран на искористување на специфични растенија во училниците. Компанијата Еко Солар го претстави прототипот на мерни станици, кои чинат 90% помалку од цената на увезени, а се базираат на искористување на современа технологија за мерење и лоцирање на загадувачи со значително поголема прецизност од постојните мерни станици. Проектот на ББ Класик карс го презентираше прототипот на електричен автомобил од домашно производство со нула емисија на штетни честички во воздухот, што може да помине до 150 километри со едно полнење на батерија и да развие просечна брзина до 120 км/ч. За автомобилот веќе е обезбеден TUV сертификат од Германија и се презентира на пазарите во Италија. Цената на чинење на овој автомобил е во просек за 40% пониска од сличните што се нудат на пазарот од странски производители.

Проектот на компанијата Технобен Нова за филтер за прочистување на индустриски капацитети покажува намалување на емисија на ПМ честичките за половина, односно од 0.152 е намалена на 0.076. Додека јаглеродниот моноксид, исто така, се намалува од 1.460 на 683 мг/м3. Соларниот панел на компанијата Еко Солар за пет месеци покажува заштеда од 675 kWh и намалување на аерозагадување – со употреба на само еден колектор на годишно ниво – од 698 ЦО2 на 260ЦО2.

На презентацијата на ефектите се обрати и директорот на Фондот, Јован Деспотовски.

“Денес претставуваме резултати од девет проекти за намалување на загадувањето на воздухот, финансирани преку различни механизми на ФИТР во кои се инвестираат околу еден милион евра, од кои 250.000 се влог на самите компании. Реални проекти, со реални луѓе, на реални компании со реални ефекти. Јас не велам дека овие проекти денес ќе го решат проблемот со загадувањето во нашата земја или на глобално ниво, но тие секако даваат придонес. Најлесно е сите да покажеме со прст кон Министерството за животна средина и да чекаме тие да го решат проблемот. Но, сметам дека сите институции, организации, па и поединци треба и мора да дадеме придонес, секој во својата област и микро средина овој глобален проблем да се надмине. Како Фонд, воведовме и обврска за сите компании кои ги финансираме, и пред потпишување на договорите се прави независна проценка дали проектите што се финансираат, а треба да донесат економски раст, имаат некаков удел во загадувањето“, изјави Деспотовски.

Деспотовски најави и нови програми и повици во овој дел, а следен би бил нов јавен повик – О2 Предизвик 2, што ќе се спроведува во партнерство со Министерството за животна средина, невладините организации кои работат во оваа област и со УНДП.