Прифатена спогодбата за присоединување на Охридска кон Шпаркасе банка

149

Собранието на акционери на Охридска банка денеска донесе одлука за прифаќање и потврдување на Спогодбата за присоединување на Охридска банка кон Шпаркасе Банка Македонија.

“Собранието на банката ја прифаќа и потврдува Спогодбата за присоединување на Охридска банка кон Шпаркасе Банка, одобрена и склучена од Надзорните одбори на двете банки на 15.01.2021 година“, стои во одлуката објавена на Македонска берза.

Со потврдување на Спогодбата, Собранието на акционери го одобрува присоединувањето на Охридска банка, како банка што се присоединува кон Шпаркасе Банка Македонија, како банка којашто презема, согласно роковите и условите утврдени во Спогодбата.

По уписот на статусната промена во Централниот регистар, Охридска банка ќе престане да постои како правно лице без да се спроведе ликвидација, а целокупниот имот и обврски ќе преминат на Шпаркасе Македонија, во замена за акции од страна на Шпаркасе банка.

За акционерите на Охридска банка кои до денот на донесување на оваа одлука за прифаќање и потврдување на Спогодбата се изјасниле дека не сакаат да примат акции во Шпаркасе банка во замена за нивните акции во банката, Шпаркасе банка ќе изврши откуп на акции на акционерите од банката што се присоединува по откупна цена од 5.577 денари за една акција.

Собранијата на акционери на Охридска банка и Шпаркасе банка во октомври минатата година донесоа одлука за отпочнување постапка за присоединување на Охридска кон Шпаркасе банка со универзален пренос на целокупниот имот и на обврските на банката што се присоединува, во замена за акции од банката што презема, во согласност со позитивното законодавство, при што банката што се присоединува престанува да постои без ликвидација.

Фото: Facebook