Приходите на Русија од нафта и гас се намалени за речиси 40 отсто во јануари

38

Приходите на Русија од извозот на нафта и гас паднаа за речиси 40 отсто во јануари поради ценовните ограничувања и санкциите на Западот, објави  Меѓународната агенција за енергија, пренесе Ројтерс.

Според податоците на ИЕА, руските приходи од извозот на нафта и гас изнесуваат 18,5 милијарди долари во јануари, 38 отсто помалку од 30 милијарди долари што Москва ги собра во јануари минатата година, еден месец пред инвазијата на Украина, се вели во соопштението.

Извршниот директор на Агенцијата Фатих Бирол оцени дека западните мерки насочени кон рускиот извоз на енергија ја постигнале целта за стабилизирање на нафтениот пазар и намалување на приходите на Москва од извозот на нафта и гас.

Очекуваме овој приход од нафта и гас да продолжи да се намалува во наредните месеци, како резултат на ограничувањата на пристапот до технологија и инвестиции, изјави Бирол за британската агенција.

Тој посочи дека минатата година земјите од ЕУ постигнале напредок во зголемувањето на енергетската безбедност, што подразбира брзо проширување на обновливите извори на енергија со цел да се намали потребата од фосилни горива.

Сепак, како што наведе, ризиците остануваат и земјите мора да преземат дополнителни напори за заштеда на енергија и зачувување на залихите.

Меѓународните ограничувања наметнати на Русија како одговор на војната во Украина, вклучително и ограничување на цената на сурова нафта од 60 долари за барел наметнато од Групата седум и санкции за рускиот извоз на технологии за рафинирање нафта.

САД и Велика Британија, исто така, воведоа ограничувања за увозот на руска нафта.

Како што објави Ројтерс, Москва најмногу се потпира на приходите од нафта и гас, кои минатата година изнесуваа околу 154,68 милијарди долари, за да го пополни буџетот, бидејќи е принудена да ги продаде меѓународните резерви за да го покрие дефицитот создаден како резултат на инвазијата на Украина.