Прилагодување

13

motivacija-pixabay

Фото: Pixabay

Промените се постојано околу нас. Дали ќе ја промениме патеката по која одиме секој ден на работа или во продавница, дали имаме нова работа, работна позиција или проект, дали е проширување на семејството или загуба на некој близок, случувања во државата или патување во нова земја – ние треба да се прилагодиме на сите тие новонастаните ситуации во нашите животи. Понекогаш промените се мали што не ги забележуваме, додека друг пат се толку големи што ‘нè маваат од земја’. Како што споменав, прилагодувањето е една клучна карактеристика (ПРОЦЕС) што ја употребуваме цело време, со секакви ситуации и во различни моменти. Луѓето се прилагодуваат на промени со тоа што формираат нови очекувања во новонастанатите услови.

Во целиот тој процес, за да се направи промена и прилагодување на новонастанатата ситуација, случка, состојба, потребна е енергија. Сите ние поседуваме три вида енергија која треба да научиме правилно да ја насочуваме:

• Ментална (да дознаам што се случува и како да се одговори);

• Емоционална (да се справам со различни чувства како загуба, анксиозност, закана, радост, оптимизам, итн.);

• Физичка (да се приспособам на телесни последици на стресот, возбуда, итн).

Од речиси пред 6 месеци сум дел од тимот на КП Македонија Експорт на позиција малку поразлична од она што сум го работела до сега. Моето прилагодување не се однесуваше само на новата средина и на колегите, туку и на опсегот и различноста на работните задачи. Во целиот процес се потрудив да користам неколку работи што ми помогнаа полесно да го пребродам периодот на адаптација и полесно да се вклопам во тимот.

Во продолжение ви презентирам неколку совети кои беа корисни за моето искуство, а се надевам дека кога ќе ги примените ќе ви користат и вам полесно да се прилагодите на случувањата во вашите животи:

Истражувајте: барајте различни луѓе, мислења, култури, религии и теории. За да добиете поразлична слика и перцепција од она што веќе го знаете и мислите дека е правилно. А сепак да бидете подготвени да си признаете дека понекогаш грешите. На тој начин ќе имате комплетна слика за промената.

Отфрлете ги менталните бариери: кога ќе се ставите во одреден шаблон, сè што ќе се случи поразлично ќе го доживеете како промена. Пробајте да ги тргнете тие бариери и автоматски навики кои ви го прават животот полесен и не ве тераат на мисловен процес.

Слушајте внимателно и поставувајте прашања и не се плашите дека ќе прашате глупост. Желбата за учење нови работи се вреднува и ќе ви помогне во целиот процес полесно да го најдете вистинскиот пат кон чувството да бидете добро со себе.

Бидете флексибилни: животот никогаш не излегува како што очекувате. Бидете подготвени да се борите и да се справите со сето она што е од суштинско значење. Ако сте наумиле да направите нешто, а не функционира на вашиот начин, најдете нов начин.

Верувајте дека може да се прилагодите: вашиот мозок е научен на прилагодување. Преку ментални способности, меморија и способноста за учење, тој е дизајниран за да се подобри со текот на времето. Што значи дека секој може да се навикне на нови случувања, само потребна ви е желба.

Како последен совет, но исто толку вреден совет како и останатите – дајте си време. Потребно е време за прилагодување. Тоа нема да се случи преку ноќ. Сигурно на почетокот ќе правите грешки, но тие се дел од иницијалната фаза на прилагодување и процесот на учење. Опуштете се и ќе се адаптирате многу побрзо отколку што мислите.

”It is not the strongest or the most intelligent who will survive but those who can best manage change.” –

Charles Darwin

И на крај уживајте на вашето ново патување, бидејќи секое искуство е вредно и незаменливо само по себе.

Со успех во промените.