Прилепска Пиварница ја организираше првата Академија за пиво во Македонија. Што е тајната на уметноста на подготовка на пиво, кои се интересни факти поврзани со историјатот на пивото, кои се сензорни карактеристики на пивото и на пивските стилови, беа само дел од темите опфатени со првото предавање на првата пивска академија.
“Создавањето на оваа Академија беше долго планиран потег. Оваа година со одбележувањето на 90 годишнината на Прилепска Пиварница беше вистинска причина за да се започне со овој проект. Досега никој не се обидел да навлезе во едукативниот карактер за пивото, каков е процесот на производство, што треба да се знае да се оцени квалитетот на пивото или кои карактеристики се ценат кај пивото. Оваа Академија во текот на годините што следат ќе ја има токму оваа едукативна компонента”, изјави Сашко Самарџиоски, генерален менаџер на Прилепска Пиварница.
На предавањето присуствуваа голем број на гости, сопственици на угостителски објекти кои се едуцираа во овој дел неопходен за нивната секојдневна работа. Предавањето го водеше германскиот експерт за пиво и светски познатиот пивски сомелијер, д-р Михаел Зепф.
“Пивото како пијалак само по себе е фасцинантно. Бара вистинска посветеност и во изработката, а секако и во уживањето. Има премногу интересни факти за производниот процес, параметри што го одредуваат квалитетот на пивото и здравствени бенефити кога се консумира одговорно. Ја поздравувам идејата на Прилепска пиварница за отворање на Академија за пиво, зашто тоа е единствен начин да се едуцираат сите љубители на пиво за тоа кои се неговите предности и зашто е добра негова редовна консумација”, изјави пивскиот експерт Михаел Зепф, предавач на Академијата.
Михаел Зепф е пивски експерт од светски ранг. Доктор по пиварство, член на управниот одбор на Доменс академија (меѓународно активна организација за едукација и консултација за пиварство, пијалаци и храна) и одговорен за активностите на Светската пивска академија во Европа.
По предавањето следеше дегустација на пивски брендови, а потоа и запознавање со процесот на производство на Златен Даб, како и посета на Прилепска пиварница. Сите гости по завршувањето на посетата на пиварницата добија сертификати од Академијата за пиво.