Прилепски тутунски комбинат чека одобрување за кредит од 9 милиони евра

26

Во тек е одобрување на банкарски кредит за да се доисплати и дооткупи планираниот род на тутунот, соопшти генералниот директор на Прилепски тутунски комбинат, Александар Дерменџиев.
“Во фаза на одобрување е кредитот од Љубљанска банка во Словенија. Да се одобри кредитот и потоа ќе можеме да ги дефинираме формалностите за залогот во тутун што ќе го дадеме за кредитот. Формалностите ќе завршат деновиве, по што ќе ја информираме земјоделската инспекција. Очекувам кон крајот на оваа или почекот на другата недела да продолжи откупот на тутун”, изјави Дерменџиев.
Тој додаде дека комбинатот остана без финасиски средства само затоа што масовно откупуваше тутун, а просечната цена е 172 денари за килограм. Досега се откупени 1.370 тони тутун, што е 40% од предвидените 3.000 тони, а е повеќе од просекот на 30% на ниво на држава.
Дермеџиев додаде дека не се случува прв пат да се дообезбедуваат средства до 9 милиони евра за да се покрие целата исплата. Откупот оваа година бил потежок бидејќи е зголемено производството во регионот, а за 6% е намалена пробарувачката на цигари.
Што се однесува на партнерството со Филип Морис, во тек се усогласувањата по драфт верзијата на договорот што стигна од светскиот производител.
“Интензивно ги усогласуваме разликите и таа постапка треба да заврши за две до три недели. Потоа договореното ќе биде ставено на дневен ред на Собранието на акционери. Очекуваме за два до три месеци да започнеме со производство на цигари за Филип Морис”, додаде Дерменџиев.