Пристап до финансирање – Предизвици и алтернативи за малите и средни претпријатија

38

Пристапот до финансирање е една од клучните алатки за обезбедување економски раст поради потенцијалот да поттикне доблесен круг во кој растот генерира дополнителни извори на финансии. Но, истражувањата покажуваат дека наспроти големото економско значење и учество во генерирањето додадена вредност и раст, микро, малите и средни претпријатија (ММСП), новите компании и фирмите надвор од големите градови се несразмерно погодени од недостатокот на поволни можности за финансирање преку банките и другите кредитни институции.

РАМКА НА ЈАВНИТЕ ПОЛИТИКИ

Пристапот до финансии воопшто и конкретно за ММСП е дел од јавните политики во поглавје 20 – Претпријатија и индустриска политика и подразбира обврска за Северна Македонија да се усогласува со политиките на ЕУ. Сепак, треба да се напомене дека повеќето клучни документи во поглавје 20 всушност претставуваат „меки“ правни инструменти, односно принципи од основачките договори, известувања од Европската комисија до Парламентот и Советот, препораки, заклучоци на Советот на ЕУ и во помала мера регулативи кои директно се применуваат и директиви кои треба да се транспонираат во националното законодавство на земјите-членки и кандидатки. Тоа значи дека државата има во голема мера слобода сама да ги дефинира политиките во ова поглавје, во зависност од домашниот контекст и во насока на претходно утврдените национални стратешки цели.

На национално ниво, повеќе стратешки документи го идентификуваат пристапот до финансии како еден од клучните аспекти за развој на ММСП и предвидуваат соодветни мерки и инструменти, меѓу кои: Стратегијата за МСП 2018-2023, Стратегијата за конкурентност 2016-2020, Стратегијата за иновации 2016-2020 и стратешкиот документ за индустриска политика 2009-2020. Во однос на законската рамка, таа е составена од Законот за државна помош, Законот за финансиска дисциплина, Законот за финансиска поддршка на инвестиции и Законот за иновациска дејност.

Според последниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјата во пристапниот процес за членство во ЕУ, Северна Македонија е умерено подготвена во однос на усогласувањето во поглавјата 4, 9 и 20. Како предизвици за надминување се идентификуваат нејасната институционална поставеност, односно недоволната разграниченост во надлежностите на јавните институции кога станува збор за спроведување на стратегиите и мерките, отежнатиот пристап до кредити за ММСП поради строгите барања за обезбедување и сложените процедури на банките и нискиот степен на развиеност и искористеност на алтернативните извори на финансирање.

ЗАКЛУЧОЦИ И ПРЕПОРАКИ

  • Во момент кога периодот на спроведување на повеќето стратешки документи за ММСП и пристап до финансии истекува, неопходно е да се спроведе темелна и објективна анализа на постигнатите резултати со вклучување на деловната заедница преку нејзините претставнички организации.
  • Потребно е доусогласување на Законот за финансиска дисциплина со Директивата за задоцнети плаќања во делот кој се однесува на исплатата на обврски од страна на јавниот сектор и државните институции.
  • Неопходно е преземање на сеопфатен пристап за комплетирање и/или подобрување на стратешката и законската рамка за користење на алтернативни извори на финансирање
  • Потребно е преземање мерки кои би го направиле лизингот попривлечен начин на финансирање за ММСП и би ги поттикнале со лизинг да набавуваат машини, опрема и недвижнини. Со зголемување на атрактивноста на пазарот за лизинг би се овозможил влез на нови финансиски друштва (домашни и странски), со што условите би станале дополнително поволни.
  • Имајќи предвид дека условите за факторинг во моментов се флексибилни, односно само начелно се утврдени според општиот Закон за облигациони односи и зависат од политиката на финансиските друштва, неопходно е преземање мерки за зголемување на привлечноста и ефикасноста на факторинг како опција за брзо обезбедување ликвидност преку зголемување на процентот кој финансиските друштва го исплаќаат за преземените побарувања и поттикнување на примена на факторинг и за побарувања со подолг рок на доспевање.
  • Со цел зголемување на интересот и активноста на инвестициските фондови и фондовите на ризичен капитал во Северна Македонија, потребно е да се разгледаат можностите за подобрување на правната сигурност, пред сè преку зајакната државна гаранција.
  • Кога станува збор за подобрување на опсегот и влијанието на микрофинансирањето, потребно е да се поттикне диверзификација на портфолиото, односно понудата на микрофинансиските институции(заштеди, осигурување, итни кредити, кредити за диверзификација на основните средства, „кредит+“ услуги итн.) и зголемување на државната поддршка за кредитни линии за микрофинансирање и обезбедувањето гаранции.

Целосниот документ може да го преземете на следниот линк.

Документот е изработен во состав на проектот „Промовирање на мултилатерален дијалог и соработка со граѓанскиот сектор, јавните власти, бизнис секторот и медиумите за побрзо прилагодување кон единствениот пазар“ имплементиран од Фондација Претприемачки сервис за млади, финансиран од Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (Sida) преку проектот „Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија“, имплементиран од Канцеларијата на Обединетите Нации за проектни услуги (UNOPS).