Пристигна нова пратка од вакцината Sputnik V, донација од Србија

97

Стигна втората донација од Србија, двапати по 20 илјади дози Sputnik V  вакцини, во период кој е многу важен за продолжување на континуитетот на масовната вакцинација против Ковид-19, кажа денеска премиерот Зоран Заев пред Институтот за трансфузиологија.

“Пристигна втората донација од Србија. Се работи за два пати по 20.000 дози вакцини од Sputnik V, и тоа во клучен момент кога треба да се продолжи со масовната имунизација. Сега, кога почна имунизацијата, навистина оваа донација е драгоцена, се додека не стигнат вакцините од Кина, преку Ковакс системот, како и Фајзеровите. Граѓаните знаат колку е ова важно за нас, подготвени се објектите, со цел брзо и без прекин да тече вакцинацијата кај нас. Уште еднаш изразувам благодарност до пријателскиот народ во Србија кои покажаа голем чин на пријателство и чин на солидарност“, истакна Заев.

Владата на Република Северна Македонија на денешната 60-та седница ја разгледа и ја усвои Информацијата за донација од Република Србија на 40.000 дози Sputnik V вакцини против Ковид-19 и го прифати текстот на договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Србија за соработка во областа на здравството за имунизација на населението против Ковид-19.

Со овој договор е обезбедена донацијата од вкупно 40.000 дози Sputnik V , од кои 20.000 дози од компонента 1 ќе бидат испорачани денеска, а останатите 20.000 дози од компонента 2 во наредниот период.

Фото: Facebook