Пристигнати над 150.000 пликови за Фискална во рака – награда без мака

26

fiskalni Над 150.000 пликови досега пристигнаа во Државната лотарија на Македонија, во рамки на наградната игра Фискална во рака – награда без мака, изјави министерот за финансии Зоран Ставрески.
Според Ставрески, деновиве е забележан уште поголем интерес, а само во последните три-четири дена испратени се од 40 до 50 илјади пликови. Се очекува бројот да се зголеми пред Нова година, кога ќе има зголемен промет.
Ставрески апелираше до сите граѓани да ја искористат можноста и да учествуваат во наградната игра, посочувајќи дека, според податоците од терен, секаде се бара фискална сметка за секој производ што се купува од најмала до најголема вредност и дека е зголемен интересот за бели пликови со стандардна големина.
“Имаме голем интерес за наградната игра и граѓаните очигледно увидоа дека на ваков начин можат и да ја исполнат својата општествена одговорност, односно да учествуваат во процесот на подобрување на финансиската и фискалната дисциплина, но и да имаат можност рамноправно да добијат една од вредните награди”, изјави Ставрески.
Во текот на наградната игра ќе бидат доделени три типа автомобили, односно четири Пежо 208, три автомобили Фолксваген Поло и две Сеат Ибица. На првото извлекување кое ќе се одржи на 30-ти декември во 20 часот на МТВ, ќе биде доделено Пежо 208, еден стан во Аеродром од 52 метри квадратни, дуќан од 30 метри квадратни и вредносни ваучери од 3.000 до 60.000 денари, со кои може да се купи видео и аудио опрема и апарати за домаќинство.
Граѓаните освен преку пошта, пликовите со фискални сметки може да ги доставуваат во пунктот на Државната лотарија на градскиот плоштад во Скопје, а наскоро ќе бидат поставени вакви објекти и во другите градови во земјава. Ќе се земат в предвид и пликовите за ова коло пристигнати на 29 декември на полноќ.