Притисок врз богатите да ги пренасочат вишокот вакцини

39

Богатите земји се соочуваат со зголемен притисок да ги поделат или пренасочат залихите на вакцини против коронавирус во области и земји со помали приходи, а новата анализа спроведена од лондонската научна и истражувачка фирма Airfinity сугерира дека до крајот на годината најверојатно на располагање ќе имаат околу 1,2 милијарди дополнителни дози.

Компанијата посочува дека можат да поделат дел од резервите без да ги загрозат сопствените кампањи за вакцинација, пренесува Хина.

Западните земји и Јапонија моментално имаат приближно 500 милиони дози на вакцина против коронавирус, кои можат веднаш да се прераспределат на посиромашните нации, а до крајот на 2021 година вишокот на залихи ќе се зголеми на 1,2 милијарди, вели анализата на Airfinity за глобалната употреба и снабдување со вакцини.

Количината на вакцини во сопственост на богатите земји може веднаш да се справи со огромните нееднаквости во снабдувањето: според програмата Our World in Data на Универзитетот Оксфорд, се проценува дека до 2 септември, само 1,8 проценти од населението во земјите со ниски приходи примиле барем една доза. Во земјите со високи примања, тој удел е дури 64 проценти.

“Светот достигна пресвртница во однос на достапноста и производството на вакцини. За големите западни земји, предизвикот повеќе не е понудата, туку побарувачката. Глобалниот синџир на снабдување успешно го зголемува производството, а нашата детална прогноза покажува дека земјите со високи приходи можат да имаат доверба дека пристигнуваат доволно вакцини, што би требало да ја намали потребата за складирање“, рече ко-основачот и извршен директор на Airfinity, Расмус Бех Хансен.

“Начинот на распределба на вакцината, каде оди и дали е препродадена или донирана е конечно политичка одлука. Мислам дека овие бројки покажуваат дека имаме подобра глобална основа за донесување важни одлуки за дистрибуција и дека можеме да избегнеме „фрлање“ одредена количина дози“, додаде Хансен.

Покрај тоа што придонесуваат за влошување на социо-економските нееднаквости помеѓу Северот и Југот, овие разлики може да влијаат и на пандемијата. Имено, експертите веруваат дека постои дополнителен ризик од мутација на Сарс-КоВ-2 доколку вирусот продолжи да се шири меѓу ранливата популација.

Соединетите држави, европските и другите нации, би можеле да ги задоволат сопствените потреби, да вакцинираат скоро 80 проценти од своето население на возраст над 12 години и да продолжат со планирање на трета програма за „бустер“ доза. И после тоа, ќе останат со голема количина вакцина за глобална прераспределба, посочува Airfinity.

“Итно треба да се вклучиме во пресметката за глобалните потреби“, рече Фатима Хасан, основач и директор на Иницијативата за здравствена правда, непрофитна организација во Кејптаун. “Треба да ги пренасочиме дозите на оние што имаат потреба и да ги отвориме сите договори“.

По независниот преглед на меѓународниот одговор на коронавирусот претходно оваа година, земјите со високи примања се повикуваат да достават повеќе од две милијарди дози до посиромашните региони до средината на 2022 година.