
Новите американски царини за кинески стоки ќе доведат до пренасочување на пратките кон Европа и зголемен притисок врз Брисел, кој се обидува да избегне да биде учесник во трговската војна меѓу Вашингтон и Пекинг.
Американскиот претседател Џо Бајден најави претходно оваа недела 100 отсто царини за кинеските електрични возила и тројно зголемени царини за челик и алуминиум. САД, исто така, ги зголемија тарифите за соларни панели на 50 отсто и најавија дека тарифите за полупроводниците ќе се удвојат од 2025 година, пишува Фајненшл тајмс.
САД испратија многу јасна порака дека сакаат минимално кинеско учество во нејзината зелена транзиција. ЕУ, како единствен преостанат голем развиен пазар со зелени амбиции и дарежливи субвенции, ќе биде клучен пазар за кинеските извозници на производи за чиста енергија“, велат аналитичарите.
Овој потег на САД доаѓа додека Европската комисија се бори да ги заштити домашните индустрии за зелена технологија од евтините кинески конкуренти, при што претставниците на ЕУ нагласуваат дека Брисел нема овластувања да се натпреварува со Вашингтон и Пекинг во глобалната трговска војна.
Тие предвидоа дека мерките на САД најверојатно ќе го зголемат и онака непријатно големиот европски трговски дефицит со Кина од 290 милијарди евра во 2023 година, и дека Брисел активно бара начини да ги искористи достапните „овластувања“ за да се справи со таа нерамнотежа.
Неименуван висок функционер на ЕУ рече дека Брисел се обидува да се координира со западните сојузници како САД за да избегне „различни акции“ за кинеското хиперпродукција и „преплавување“ на производи на единствениот пазар „што е навистина проблематично за нас“.
Сепак, ЕУ е ограничена со инсистирањето дека сите нејзини трговски мерки се усогласени со правилата на СТО, рече друг официјален претставник, додавајќи дека кршењето на тие правила ќе создаде многу полоша ситуација што негативно ќе влијае на сите страни.
Германскиот канцелар Олаф Шолц предупреди на можна одмазда од Пекинг во случај на воведување европски тарифи, имајќи ја предвид изложеноста на многу германски производители на автомобили во Кина. Истото го направи и шведскиот премиер Улф Кристерсон, чија национална автомобилска компанија „Волво“ е во сопственост на кинескиот производител „Џили“.











