Проактивност

557

dvizenje

Фото: Pixabay

Пред некој ден, еден од нашите практиканти нè изненади сите со неговата проактивност. Момчето има познавање од графички дизајн и инспириран од прирачниците, цел викенд работел на дизајн на корица за Tip of the Week (не се знае, можеби и ќе биде искористено за нашето 3-то издание). Рече дека ептен му се допаѓал дизајнот на прирачниците и со голем „ќеиф” потрошил цел викенд за да развие негов концепт за следниот дизајн на корицата.

Проактивните вработени се моторот, т.е. движечката сила на секоја компанија. Сите менаџери бараат и сакаат проактивни вработени, особено вработени кои ја земаат контролата во свои раце, отколку да чекаат и да реагираат откако работите ќе се случат. Проактивните не чекаат некој да им каже што да прават или како да направат. Тие ги преземаат работите во свои раце, делуваат пред тие да се случат и ја преземаат одговорноста за своите постапки.

ПРОАКТИВНОСТ = ОДГОВОРНОСТ

За разлика од проактивното работење, што се однесува на антиципирање на иднината, реактивното се однесува на минатото. Реагирање кога работите ќе се случат. Нормално е дека не може секогаш да се работи проактивно, постојано се случуваат промени, но во голем број од случаите може и треба да се делува така.

Да се биде проактивен значи:

  • Да се антиципира проблемот (повеќе мислење);
  • Да се бараат нови решенија (креативност);
  • Да се даде сè од себе (висока мотивација);
  • Да се има јасна цел (одлучност и силна волја);
  • Да се инвестира повеќе време, енергија (жртва);
  • Да се носат сопствени одлуки (одговорност);
  • Да не се обвинуваат околностите и опкружувањето (самосвесност);
  • Да се биде човек за промени (храброст).

Доколку се погледнат сите овие точки, не е ни чудно што повеќето луѓе се реактивни, отколку проактивни. Никој не сака да си го крши раатот или да жртвува повеќе од потребното време, или да го оптоварува мозокот повеќе од потребното, или да излегува од комфорната зона и да се соочи со непознатото. Но, треба да сме свесни, ако сакаме да постигнеме повисоки резултати, тогаш мора да научиме како да постапуваме повеќе проактивно на професионален и на приватен план. Позитивно е тоа дека, како и секоја вештина, проактивноста се учи и се работи врз неа. Подолу се дадени неколку работи коишто можат да ви помогнат за проактивно учење:

  1. Свесност: прво и основно, да сме свесни дека треба да работиме на себе. Да сме свесни дека работите ги извршуваме реактивно. Чекаме да се случат, а потоа да реагираме. Треба да сме свесни дека тоа ќе значи повеќе време, енергија и напрегање на мозокот.
  2. Мислење однапред: вежбајте да мислите однапред. Напрегнете го мозокот повеќе од потребното. Дефинирајте некоја ситуација (активност). Размислете што може да се случи, позитивно/негативно, и што може да направите за да ја избегнете таа ситуација или едноставно да ја подобрите. Барајте патерни/матрици во случувањата. Почнете да играте шах. Тоа е прекрасна игра за да го вежбате мозокот да мисли неколку чекори однапред.
  3. Планирајте: планирајте подобро. Навлезете што подлабоко во активностите и во настаните. Разложете го секој проект на потпроекти и антиципирајте што може да се направи за да се подобри работата или да се намали ризикот од грешки.
  4. Информираност: многу често ние реагираме реактивно, поради недостаток од информации претходно, за да реагираме проактивно. Пробајте да обезбедите повеќе информации (релевантни) со цел да се активирате уште пред да се случат некои настани.
  5. Човек од акција: проактивните луѓе се луѓе од акција. Тие не се само набљудувачи на случувањата, туку целосно, навремено и ефективно се вклучуваат во акцијата.
  6. Пауза: понекогаш да се биде проактивен значи да се направи пауза. Да застанеме со цел да може да видиме до кај сме и што ни се случува, за да може да се реорганизираме и да повлечеме правилен потег.

Проактивноста води кон акција, кон промени, кон прогрес. Реактивноста кон статус-кво. Вежбајте проактивност.

Со успех во промените.