Процес на креативност

951

kreativnost

Фото: Pixabay

Измислувањето нови нешта претставува креативност, односно способност да се гледа на работите од нова, свежа перспектива. Иако креативните идеи можат да се појават одненадеж, тие се резултат на процесот на креативност, кој се одвива низ чекорите на: подготовка, проучување, трансформација, инкубација, осветлување, потврдување и воведување (Цимерер, Скарбороу и Вилсон).

Подготовка или подготвување на умот за креативно мислење. Подготовката може да вклучува формално образование, тренинг низ работата, работно искуство, како и останати можности кои ги нуди формалното, како и неформалното образование. Оваа обука овозможува темел врз кој се поставуваат креативноста и иновациите.

Препораки:

  • Усвојте став на вечен ученик. Разберете дека сопственото образование е процес кој нема крај. Гледајте на секоја ситуација како можност да учите.
  • Читајте многу и тоа не само во вашето поле на експертиза. Многу иновации настануваат како резултат на мешање на идеи и концепти од различни области од науката, инженерството, бизнисот и уметностите. Читањето книги, списанија и документи кои покриваат разновидни материи, претставува одличен начин за стимулирање на креативноста.
  • Прибирајте статии кои ве интересираат и формирајте папка за истите. Со тек на време, ќе создадете енциклопедија на информации прилагодени на вашите потреби од која ќе повлекувате идеи и инспирација.
  • Одвојте време да ги дискутирате вашите идеи со други луѓе, вклучувајќи ги и оние кои знаат малку за вас, како и експертите во областа.
  • Зачленете се во професионални или трговски асоцијации и присуствувајте на нивните состаноци. Таму ќе имате можност за бреинсторминг со останатите кои имаат слични интереси. Учејќи како другите решиле одреден проблем може да ви овозможи нов приод во решавањето на истиот.
  • Вложете време во проучување на останатите земји и култури; потоа отпатувајте таму. Глобалната економија нуди неверојатни бизнис можности за претприемачите, кои имаат неопходно знаење и искуство да ги препознаат истите.
  • Развијте ги вештините на слушање. Неверојатно е што можете да научите доколку го искористите времето да ги слушате останатите луѓе, особено оние кои кои се повозрасни и имаат поголемо искуство. Обидете се да научите по нешто од секого кого ќе сретнете.

Проучување или развивање на солидно разбирање на проблемот, ситуацијата или одлуката која во моментот е најдостапна. За да се развијат нови идеи и концепти во одредена област, поединецот мора најпрво да го проучи проблемот и ги разбере неговите основни компоненти. Креативното мислење настанува кога луѓето вршат внимателно набљудување на светот околу нив и потоа го проучуваат начинот на кој нештата функционираат (или не функционираат).

Трансформација односно согледување на сличностите и разликите помеѓу прибраните информации. Оваа фаза бара два вида на размислување: конвергентно и дивергентно.

  • Конвергентното размислување претставува способност да се согледаат сличностите и врските помеѓу различните и често разновидни податоци и настани.
  • Дивергентното размислување претставува способност да се согледаат разликите помеѓу различните податоци и настани.

Препораки:

  • Проценете ги елементите на ситуацијата неколку пати, обидувајќи се да ја разберете “големата слика”. Прераното претерано навлегување во деталите на ситуацијата во процесот на креативност може да ја намали креативноста. Барајте шаблони кои испливуваат на виделина.
  • Преаранжирајте ги елементите на ситуацијата. Гледајќи ги компонентите на предметот по различен редослед или од различна перспектива, би можеле да ги согледате сличностите и разликите помеѓу нив.
  • Обидете се да користите синектика (термин изведен од грчките зборови за “соединување” и “разновидност”, земајќи две навидум бесмислени идеи и нивно комбинирање).
  • Пред да се задлабочите во еден поединечен пристап кон ситуацијата, запомнете дека неколку пристапи можат да бидат успешни. Ако еден пристап доведе до ќорсокак, не двоумете се веднаш да се префрлите на друг. Првиот пристап може да не биде најдобриот, затоа имајте повеќе пристапи како алтернативно решение на ситуацијата.

Инкубација или време потребно на потсвеста да промисли за прибраните информации. Оваа фаза од процесот на креативност навидум изгледа здодевна, како ништо да не се случува. Всушност, во текот на оваа фаза, изгледа како креативната личност да денгуби. Инкубацијата се случува додека поединецот е отргнат од проблемот, често ангажирајќи се во целосно неповрзана активност.

Препораки:

  • Оддалечете се од ситуацијата. Временото оддалечување од проблемот е од витално значење за засилување на креативноста. Според Вилсон Брил (Wilson Brill), експерт за креативност, две третини од идеите настануваат кога луѓето се надвор од работното место – под туш, во автомобил, во кревет, на прошетка или останати неработни ситуации. Правејќи нешто сосема неповрзано со проблемот и дава можност на потсвеста да работи на проблемот или можноста.
  • Одвојте време за “сонување” во текот на денот. Иако изгледа како да не работите ништо, “сонувањето” во текот на денот е значаен дел од процесот на креативност. Тоа е момент кога умот е најмногу растеретен од парадигми и останати самонаметнати ограничувања на креативноста. Слободно дозволете му на умот да “скита” и тој самиот може да налета на креативно решение.
  • Постојано релаксирајте се и играјте. Најлошо за креативноста е кога се работи постојано на проблемот или можноста. Така, многу набрзо настапува уморот, а исчезнува креативноста. Големите идеи најчесто се инкубираат на терените за голф, кошарка, во градината или во мрежата за лежење.
  • Сонувајте за проблемот или можноста. Иако не можете да сонувате она што посакувате, размислувањето за проблемот непосредно пред спиење може да претставува ефективен начин на охрабрување на умот да “работи” додека спиете, процес наречен луцидно сонување.
  • Работа на проблемот или можноста во различно окружување – некаде надвор од канцеларијата. Промената на околината околу вас поволно ја стимулира вашата креативност.

Осветлување или спонтано проникнување, односно попознато како “вклучување на сијаличката”. Тоа може да се случи после пет минути или после пет години. Во овој чекор, сите претходни чекори настапуваат заедно и го предизвикуваат “Еурека факторот” – создавањето на иновативната идеја.

Потврдување на идејата како точна и корисна може да вклучи изведување на експерименти, спроведување на симулации, пазарен тест на производот или услугата, воспоставување мали по обем пилот – програми, конструирање на прототипови, како и ангажирање во многу други активности дизајнирани да потврдат дека новата идеја ќе функционира и е практична за воведување. Целта е да се подложи иновативната идеја на тестот на суровата, безмилосна реалност.

Воведување или трансформирањето на идејата во реалност. Многумина настапуваат со креативни идеи кои ветуваат нови производи или услуги, но повеќето од нив не успеваат да ја надминат фазата на идеја. Она што ги издвојува претприемачите е тоа што тие делуваат врз нивните идеи.