Продажбата на автомобили во Европа паѓа 12 месеци по ред

163

Побарувачката за автомобили во Европската Унија повторно падна во јуни, 12-ти месец по ред, погодена од проблеми во синџирот на снабдување, се вели во извештајот на здружението на производители ACEA.

Во 26 земји на ЕУ, без Малта, во јуни се регистрирани 886.510 нови автомобили, што е за 15,4 отсто помалку во однос на истиот месец минатата година, покажа извештајот на ACEA. Ова е воедно и најниска бројка за шестиот месец од годината од 1996 година, според извештајот.

Падот е поизразен во однос на мај кога регистрациите на нови патнички автомобили беа намалени за 11,2 отсто.

Пад е забележан на сите четири главни пазари во ЕУ, а најголем е во Германија, каде побарувачката е намалена за 18,1 отсто во однос на минатиот јуни. Двоцифрен пад имаа и Италија и Франција од 15 и 14,2 отсто.

Побарувачката најблаго е намалена во Шпанија, за 7,8 отсто.