
Растот на продажбата на автомобили во Кина забави во јули, делумно поради послабата побарувачка за модели на хибридни електрични возила, во исто време додека кинеските регулатори на најголемиот автомобилски пазар во светот се обидуваат да ја ограничат ценовната војна што сè повеќе ѝ штети на индустријата.
Продажбата на возила во јули порасна за 6,9 проценти во споредба со истиот месец минатата година, на вкупно 1,85 милиони, што укажува на забавување на брзиот раст. Во јуни, продажбата беше за 18,6 проценти поголема во споредба со истиот месец минатата година, според податоците од секторското здружение CPCA објавени во петокот.
Растот на продажбата на таканаречените возила на „нова енергија“, кои вклучуваат електрични возила на батерии (BEV) и plug-in хибриди (PHEV), се забави од 29,7 проценти во јуни на 12,0 проценти во јули – иако тие сè уште ги надминаа бензинските модели петти месец по ред.
Побарувачката за хибриди сè уште е во опаѓање – продажбата на plug-in хибриди и таканаречени хибриди со продолжен дострел се намали за 3,6 проценти во споредба со јули минатата година, што се припишува на развојот на нови и понапредни технологии за батерии и проширувањето на инфраструктурата на станиците за полнење, што ги намалува загриженостите кај клиентите за досегот на електрични возила на батерии.
Поради таков тренд, некои домашни производители имаа корист, како што се Leapmotor, Xiaomi и Xpeng, кои сите забележаа рекордна продажба во јули, но во исто време тоа има лош ефект врз компании како BYD и Li Auto, чија стратегија повеќе се потпира на хибриди, од кои доаѓа поголемиот дел од нивната продажба и профит.
BYD затоа имаше пад на продажбата во Кина трет месец по ред, од 12,0 проценти на годишно ниво, а пазарниот удел на компанијата во сегментот на електрични возила сега се намали на 27,8 проценти, од претходните 35,4 проценти пред една година. Сепак, глобалните испораки се зголемија во јули, поради наглото зголемување на побарувачката во странство, која сочинуваше повеќе од 20 проценти од вкупната продажба.
BYD, најголемиот кинески производител и главен конкурент на американската Tesla – како и лидер во трката кон сè поевтини модели – во јули имаше прв пад на производството во последните 17 месеци.
„Ли Ауто“, заедно со „Бајд“, еден од ретките кинески производители што остварија профит минатата година, имаа пад на продажбата од 40 проценти во јули, во споредба со истиот месец во 2024 година. „Ли Ауто“ беше лидер во хибридните возила со продолжен дострел, но неодамна претстави освежена гама на „чисто“ електрични теренци, во кои воведе премиум спецификации по конкурентни цени.











