Продажбата на групацијата Фолксваген падна за една петтина

73

Германскиот автомобилски концерн Фолксваген објави дека во првата половина од годината продал за петтина возила помалку отколку во истиот период минатата година, пред се поради намалените испораки во Европа и Кина.

Групацијата VW испорача вкупно 3,875 милиони возила ширум светот, што е за 22,2 отсто помалку во споредба со истиот период во 2021 година.

Гледано по региони, продажбата паднала најмногу во Централна и Источна Европа, за дури 40,9 отсто во споредба со првите шест месеци од 2021 година.

Во Западна Европа е намален за 20,7 отсто, а речиси исто намалување е забележано и на кинескиот пазар, вклучувајќи го и Хонг Конг, се вели во деловниот извештај на VW.

Испораките на целосно електрични автомобили се зголемија за 27 отсто, и покрај тесните грла во снабдувањето, привременото прекинување на производството во Европа и исклучувањата во Кина поврзани со коронавирусот. Во периодот од јануари до јуни групата испорача 217.000 електрични автомобили.

Така, во вкупните испораки на ниво на групацијата VW, уделот на целосно електрични возила е зголемен од 3,4 на 5,6 отсто во споредба со истиот период во 2021 година.

Најголем двигател на растот на продажбата беше Кина, каде беа продадени 63.500 целосно електрични возила, речиси три и пол пати повеќе отколку во првите шест месеци од 2021 година, покажува извештајот на компанијата.

Во однос на испораките по региони, Европа продолжува да ја држи водечката позиција, со 128.800 продадени целосно електрични возила и удел од 59 проценти на ниво на групација.

Втор по големина пазар беше Кина, со учество од 29 отсто. Во САД се продадени 17.000 возила, осум отсто од вкупно испорачани ширум светот на ниво на групацијата VW, покажуваат податоците.