Продажбата на пиво во Германија падна на историски најниско ниво

И покрај Европското фудбалско првенство во Германија, домашните пиварници забележаа историски ниска продажба на пиво минатата година.

Вкупната продажба паднала за 1,4 отсто во однос на 2023 година, на 8,3 милијарди литри, објави германската федерална статистичка служба, пренесува ДПА.

Ова е нов рекорд во долгорочниот пад на потрошувачката, а ниту обновениот раст на извозот не успеа да го подобри балансот.

Според даночните податоци, продажбата на домашниот пазар е намалена за два отсто, а извозот е зголемен за 1,6 отсто во однос на претходната година.

Во статистиката не се вклучени безалкохолните пива, кои се неоданочени и со години бележат постојан раст.

Од 2014 година, продажбата е намалена за 13,7 отсто или 1,3 милијарди литри и моментално е на најниско ниво од обединувањето на Германија.