Продажбата на „Тесла“ опаѓа низ Европа

Продажбата на „Тесла“ продолжува да опаѓа низ цела Европа, дури и додека сè повеќе клиенти се префрлаат на електрични возила.

Според месечните податоци за продажбата, „Тесла“ забележа голем пад на продажбата во април во Обединетото Кралство, Холандија, Данска и Португалија, како и во Шведска и Франција.

Исто како и во Соединетите Американски Држави, политичките ставови на извршниот директор на „Тесла“, Илон Маск, предизвикуваат протести и отпор и во Европа. Маск поддржа некои крајно десничарски политичари во Германија и Велика Британија. Со оглед на неговата истакната улога во администрацијата на Доналд Трамп, гневот поради заканите за високи царини за европскиот увоз би можел да ги одврати и некои европски купувачи, проценува CNN.

Во Обединетото Кралство, единствениот голем европски пазар каде што „Тесла“ имаше раст на продажбата во првиот квартал, продажбата падна за 62% во април, според податоците на британското здружение на автомобилската индустрија SMMT. Овој пад се случи и покрај тоа што вкупната продажба на електрични возила во Велика Британија порасна за 8% во истиот период.

Во Данска, падот изнесувал 67%, во Холандија дури 74%, а во Португалија 33%, според податоците на националните автомобилски здруженија. Продажбата, исто така, се намали во Шведска за 81%, а во Франција за 59%, според извештајот на Ројтерс.

„Тесла“ вообичаено не објавува месечни податоци за продажбата, ниту ги одделува по пазар, а компанијата не одговори на барањето за коментар во врска со априлските резултати.

Падот на продажбата на „Тесла“ во Европа не може да се објасни само со репутацијата на Маск. Сè посилната конкуренција во секторот на електрични возила, особено кинескиот производител BYD, кој оваа година би можел да му се закани на Tesla како најголем светски производител на електрични возила, има големо влијание.

„Тесла“ сè уште не објави прогнози за обемот на продажба во 2025 година. Сепак, аналитичарите очекуваат пад на вкупната годишна продажба, со оглед на континуираниот негативен тренд и растечкиот отпор кон Маск.

„Накратко, вториот квартал од 2025 година повторно се окарактеризира како вистинска катастрофа за Тесла, по катастрофалниот прв квартал“, рече Гордон Џонсон од GLJ Research, еден од најголемите песимисти на Тесла.

Низ цела Европа, „Тесла“ забележа пад на продажбата од 36% во првите три месеци од годината, според податоците од Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA). Во истиот период, вкупната продажба на електрични возила на континентот се зголеми за 24%.