Продолжува трендот на раст на извозот во ТИРЗ

22

Економските активности во зоните продолжуваат со трендот на раст и во октомври покажува редовната месечна анализа на ТИРЗ.

Во првите десет месеци од годинава компаниите активни во зоните достигнале извоз од 2 милијарди и 482 милиони евра што е за 19% повеќе споредено со истиот период лани, односно 8% повеќе споредено со првите десет месеци од 2019 година и за речиси 24% повеќе во однос на 2018 година. Само во октомври компаниите активни во зоните оствариле извоз од 246 милиони евра. И во однос на вкупниот извоз во земјава ТИРЗ останува главен носител на извозните активности со удел од речиси 45%, заклучно со достапните податоци од август годинава.

Анализата покажува и раст на увозот во првите десет месеци од годинава. Увозот од јануари до октомври 2021 година е 2 милијарди и 441 милиони евра што е за 43% повеќе во однос на истиот период минатата година, додека споредено со 2019 растот е 15%, односно 46% раст има во однос на 2018 година. Увозот само за месец октомври е 215 милиони евра.

Во октомври е регистрирано и највисоко ниво на нето извозот од 14%. Бројот на вработени е стабилен и останува во рамки на годишниот просек.

Со оглед на тоа дека редовната анализа на ТИРЗ покажува стабилен нагорен тренд на раст на извозот и највисоки економски активности во зоните во првите три квартали од годинава во последниве четири години, се очекува ваквиот позитивен тренд да продолжи и до крајот на годинава и да се достигне, но и да се надмине границата од  3 милијарди извоз годишно што би била рекордно ниво до сега. ТИРЗ истовремено внимателно ги следи и ризиците со глобалните ланци на снабдување и доколку е потребно ќе се предложат мерки за справување со можните последици.

ТИРЗ активно работи и на повеќе иницијативи, меѓу кои воведување на програми за домашни компании, заедно со ИФЦ наменети за технолошко унапредување и можност за вмрежување на домашните компании во синџирот на набавки, потоа програма за поттикнување на раст на продуктивностнаменета за развој на вештини и поттикнување на продуктивноста на работниците и компаниите, како и нова кампања за презентација на инвестициски можности  во странство со цел  поттикнување на инвестиции со фокус кон сите индустрии.