Продолжуваат реформите во јавната администрација со поддршка на ЕУ

31

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, денеска се обрати на конференцијата “Како понатаму? Реформите на јавната администрација по јунскиот Европски совет“.

Во своето обраќање тој се осврна на реализираните активности во изминатите две години, како и на мерките кои се во завршна фаза.

“МИОА работеше и на зајакнување на имплементацијата на Законот за општа управна постапка. Се воспостави Точка за информирање за ЗОУП, а на веб страницата на МИОА е воспоставен посебен дел, наменет за прашања кои произлегуваат од ЗОУП. Новиот Закон за инспекциски надзор, веќе е усвоен во Собрание, а до крајот на годината ќе започне и примената. Со овој закон се воведува опомената пред казната и се намалува висисната на глобите, што претставува финасиско олеснувања за субјектите на надзор. Ова значи и нов концепт на инспекциски надзор преку планирање врз основа на процена на ризик  и унифицирано вршење на инспекцискиот надзор, со што ќе се постигне поголема правна сигурност за субјектите на надзор“, информираше министерот Манчевски.

Во однос на тоа на што во моментов е фокусирано МИОА, министерот Манчевски ги подвлече измените на Закон за административни службеници и Закон за вработените во јавниот сектор. Како што истакна тој, целта на измените е поедноставување на постапката за селекција и вработување, овозможување на побрзо напредување во кариерата, како и намалување на притисокот врз вработените.

“Во моментов во завршна фаза е и новиот Закон за висока раководна служба. Со овој закон за прв пат, ќе се воспостави воедначена процедура за селекција и назначување на раководните позиции, темелена врз начелата на заслуги, еднаков пристап до работно место под еднакви услови, соодветна и правична застапеност и родова еднаквост.

Кандидатите ќе се избираат преку индивидуализирани процедури од страна на Комисија за висока раководна служба.

Високиот раководител ќе биде со јасно определен статус и со мандат, со законски утврдени обврски, предвидени се задолжителни обуки за стручно усовршување и развој, а ќе се врши и управување со учинокот, преку проверка на остварените резултати“, рече министерот Манчевски.