Продуктивни, но потценети: Македонските работници во сенка на добивките

И покрај честите обвинувања од страна на работодавачите дека македонските работници не се доволно продуктивни, најновите податоци на Народната банка, објавени преку Bloomberg Adria, покажуваат сосема поинаква слика – добивките по вработен во домашните компании во 2024 година значително се зголемиле во споредба со претходната година.

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) остро реагираше на, како што велат, обидите за потценување на трудот на работниците, нагласувајќи дека овие бројки јасно ја разобличуваат „лажната приказна“ за наводна непродуктивност. Според нив, работниците се тие што ја движат економијата, додека газдите продолжуваат да собираат рекордни добивки и бонуси, без истовремено да обезбедат достоен раст на платите.

Сојузот на синдикатите на Македонија остро реагира на сите обиди на газдите и нивните комори и организации да ја потценуваат и навредуваат продуктивноста на македонските работници.
Според податоци на Народната банка, објавени преку Bloomberg Adria, евидентно е дека нето добивките по вработен во македонските компании во 2024 година бележат значителен раст во однос на 2023 година.
Овие податоци недвосмислено ја докажуваат високата продуктивност на работниците, и го разобличуваат лажниот наратив дека „работниците не биле продуктивни“ и за тоа платите немало можност да се зголемат.
• Во градежниот сектор нето-добивката по вработен изнесува 600.000 денари (безмалку 10.000 евра).
• Во трговијата, транспортот, складирањето и угостителството – 300.000 денари по вработен.
•Во индустријата – 200.000 денари по вработен.
•Во информациите и комуникациите – 400.000 денари по вработен.
•Во стручните и административни дејности – 300.000 денари по вработен.
•На ниво на цел корпоративен сектор – просек од 300.000 денари по вработен.
Овие бројки покажуваат дека секој работник не само што си ја заработува сопствената плата, туку дополнително:
• ја обезбедува и платата на директорите и менаџерите,
• го плаќа џипот и луксузниот живот на газдата,
• обезбедува пари за инвестиции,
• и пак му остварува добивка на газдата еднаква на околу една годишна работничка плата.
Додека газдите исплаќаат плати и бонуси во стотици илјади евра – како што неодамна објави Bloomberg Adria, со највисока плата од над 320.000 евра за еден газда и над 700.000 евра за тројцата највисоко платени, – македонските работници живеат со најниски и мизерни плати во регионот.
Затоа, секој кој тврди дека македонските работници не се продуктивни, директно ја навредува нивната интелигенција, труд и достоинство.
Вистината е едноставна: работниците се продуктивни, а платите се ниски!
ССМ по којзнае кој пат укажува дека:
Нема повеќе оправдувања за незголемување на минималната и останатите плати!
Нема повеќе манипулации со „непродуктивност“!
Време е за итно и значително зголемување на платите во сите дејности, затоа што добивките се резултат на трудот на работниците, а не на газдите!
Сојузот на синдикатите на Македонија ќе продолжи да се бори за достоинствена плата за секој работник!,  стои во објавата на ССМ.