Проект за заштита на личните податоци при користење на социјалните мрежи

59

Дирекцијата за заштита на личните податоци (ДЗЛП) и тимот на проектот Техничка помош за зајакнување на организациските и институционалните капацитети за заштита на личните податоци, поддржан од норвешкото Министерство за надворешни работи, промовираа проект за заштита на приватноста на социјалните медиуми и заштитата на личните податоци при користење на Cloud computing апликации.
Преку овој проект ДЗЛП ќе ги зајакне своите организациски и институционални капацитети преку кои ќе се постигне подобра и поефикасна заштита на правото на приватност на социјалните медиуми, ќе се подигне јавната свест во врска со употребата на интернетот и ќе се подобри знаењето во врска со модерниот технолошки развој, со акцент на преносот на личните податоци преку користење на Cloud computing апликации. Ќе се создадат напредни внатрешни процедури за заштита на личните податоци при прекршување на правото на приватност на социјалните мрежи преку формирање посебна единица за брз одговор по барање од граѓани во рамките на ДЗЛП.
Директорот на ДЗЛП, Димитар Ѓеоргиевски изјави дека ова се сосема нови моменти и искуства за нас, особено материјата на Cloud computing која сама по себе во буквален превод значи „пресметување во облак“.
“Ние сме исклучително горди што ги применуваме норвешките искуства во оваа област. ДЗЛП ги зголемува своите капацитети преку формирање посебен тим за експресни интервенции во врска со пријава од граѓани за прекршување на нивната приватност на социјалните мрежи. Претставките кои ги добиваме од оваа област од година во година се зголемуваат. Резултатите кои ќе ги презентираме преку статистиката од годишниот извештај бележи тренд на пораст. Скоро 400 претставки имаме добиено за 2013 година и две третини се однесуваат на социјалните мрежи”, изјави Ѓеоргиевски.
Зголемувањето за бројот на примени претставки од граѓани, според него, за ДЗЛП е знак дека е зголемена јавната свест за постоењето на правото за заштита на лични податоци, но и запознавање со механизмите кои граѓаните треба да ги знаат за пријавување на повреда на нивните лични податоци.
Заштитата на лични податоци, според директорот на норвешкиот орган за заштита на лични податоци Бјорн Ерик Тон, е од особен интерес во неговата земја.
“Мнозинството граѓани се изјаснија дека се многу загрижени за заштита на приватноста. Многу е поголем бројот на луѓето кои се заинтересирани за заштитата на личните податоци, споредено со бројките од пред 7 – 8 години”, вели Ерик Тон.
Тој потенцира дека особено социјалните мрежи го промениле начинот на комуникација на луѓето, кои исто така собираат многу лични информации за лица од сите земји.
“Во однос на Cloud computing, има многу разговори за тоа што се случува со складираните информации, за што се користат тие и какви мерки за безбедност се преземаат за нивна заштита. Некои од предизвиците со кои се соочуваме денес се поврзани со настани како што се оние со Едвард Сноуден и други. Долга е листата”, потенцира Ерик Тон.