Проектираната инфлација од 2,5% е неостварлива, кризата ќе го „изеде“ и вториот квартал

Последиците од војната на Блискиот Исток ќе се прелеат и во вториот квартал од годинава, што според економистите, е јасен сигнал дека првата половина од оваа година ќе го носи предзнакот „кризна“. Домашната експертска јавност е уверена дека проектираната стапка на инфлација од 2,5% за годинава е неостварилива, а според дел од науката под знак прашање ќе биде и проектираниот раст од 3,8%. Стапката на раст на БДП, според професорот Сами Бислими е „ранлива“ поради самата структура, односно факторите кои го движат растот.

„Реалниот сектор учествува со нешто над 40% во создавањето на БДП, додека остатокот е во т.н. потрошувачки сектори кои создаваат пресметковни но, не и реали вредности. Тогаш, лесно е да се заклучи дека, реалната вредност на растот на БДП е многу пониска од 3,8%. Замислете, постои една ставка – активности во врска со недвижен имот, која што учествува во создавањето на БДП повеќе од учеството на секторот земјоделство, сточарство, шумарство и рибарство, а во тој сектор не се создава никаква нова вредност“ – објаснува за „Локално“ професорот Бислими.

И во овој момент да се прогласи крај на воениот конфликт на Блискиот Исток, последиците ќе се прелеат и во вториот квартал од годинава, сметаат аналитичарите. Според новата анализа на институтот Фајнанс Тинк, и во најоптмистичкото сценарио за скорешно завршување на војната, економски последици за нашата економија ќе има.

„Во основното сценарио, се претпоставува дека шокот е веќе делумно вграден во тековните пазарни цени и дека нема натамошна ескалација. Цените на енергенсите краткорочно растат, со пик до крајот на вториот квартал од 2026 година, по што релативно брзо се стабилизираат во услови на деескалација на воените активности и започнуваат постепено да опаѓаат во втората половина на 2026 и текот на 2027 година. Преносот кон останатите цени е ограничен и постепен, без значајни секундарни ефекти“ – се наведува во анализата.

Според економистите и во најповолното и во најнеповолното сценарио – планираната стапка на инфлација од 2,5% во оваа 2026 та е нереална.
Целиот текст на Локално.мк