Профит пред сè: „Еднократни“ инвеститори ги диктираат високите цени на становите во Скопје

Цените на становите во Скопје продолжија да растат и во вториот квартал од 2026 година, покажуваат најновите податоци на Народната банка. Индексот на цените на становите достигна 210,03 индексни поени, што претставува годишен раст од 13,3 проценти во споредба со вториот квартал од 2025 година. Во однос на првиот квартал од годинава, цените се повисоки за 5,5 проценти.

Податоците покажуваат дека и покрај одредено забавување на годишната стапка на раст во споредба со почетокот на годината, трендот на поскапување на станбениот пазар продолжува. Во првиот квартал од 2026 година годишниот раст изнесуваше 16,6 проценти.

Дел од експертската јавност вели дека поскапувањето е бидејќи рапидно се намалуваат локациите за градба затоа што се исполни се што имаше од расположлив простор за да се урбанизира. Според градежниот експерт и архитект, Никола Велковски, се урбанизира по налог на сопствениците на земјиштето и на некои еднократни инвеститори.

-Се намалува и понудата на пазарот, затоа што имаше и недоволен број на локации и објекти што се градат. Тоа е една од причините зошто поскапуваат становите, вели соговорникот за „Локално“.

Вели дека ако точно се следи кои се инвеститорите во градежништвото, ќе се види дека се еднократни – нив не им е важно како градежништвото утре ќе напредува.

Ние што имаме градежни фирми водиме политика да одиме полека, а они купуваат локација, земаат и еднократно сакаат да профитираат. Материјалите се тука, не поскапуваат многу, а работната рака е малку проблем бидејќи многу малку се нуди квалитетна рака на пазарот. Фирма која што планира своето работење долгорочно да го води, нема така да ги зголемува цените. На еднократните инвеститори само им е важен профитот што ќе го остварат и тие не водат сметка што утре може и да нема друга локација. Градежните фирми мислат со континуитет и да опстојат на полето на градежништвото, оценува Велковски.

За тоа дали решение е државата да влезе како главен играч на пазарот и со реални, нормални цени на државните станови да го принуди приватниот сектор да ги намали, Велковски потсетува дека државата еднаш веќе се вклучила на пазарот, но не го направила тоа како што треба. Појаснува дека имаше станови во Центар, но проблемот беше што не изиграле цената да биде фиксирана.

-Ги дадоа становите на лицитација и со тоа цените се качија преку 2.000 евра за квадрат во тоа време. Државата мора да оди со економска цена која е оправдана, ама и да имаат критериуми по кои луѓето ќе можат да аплицираат, како што се млади брачни парови, социјално загрозени, со социјални примања.. Цената мора да биде пониска од пазарната. Мора да имааат јасна стратегија дека ќе работат на градби за намалување на цените на пазарот, потенцира архитектот.

Велковски наведува и цената расте бидејќи сопствениците на земјиштата и парцелите кога видоа дека инвеститорите ги подигнале цените на станови, и тие ја кренале цената на земјиштето и продаваат целосно или учествуваат со процент за да им отстапат изградена станбена површина.

Фото: Gemini