Прогласени победниците на Скопски автобуски хакатон и Паметна автобуска постојка

39

20161204_121753

Во текот на 3 и 4 декември, во Јавна Соба се одржа завршниот дел од натпреварите Скопски автобуски хакатон и Паметна автобуска постојка. На двата натпревара учествуваа вкупно 35 учесници распределени во пет тимови за едниот и другиот натпревар.

На 3 декември Скопски автобуски хакатон беше отворен од страна на деканот на Факултетот за информатички и комуникациски технологии при Универзитетот Св. Климент Охридски – Битола, проф. д-р Пеце Митрески, продеканот за настава проф. д-р Ивица Димитровски од ФИНКИ и Марио Рингов од Град Скопје. По отворањето на настанот, основачот на Хаселт, Хајан Селмани имаше мотивациска и инспиративна сесија со учесниците. Истиот ден учесниците ги презентираа своите решенија и ги преставија своите макети за автобуската постојка, кои ги изработуваа во изминатиот период. По презентациите следуваше електрашки стендап со актерот Гораст Цветковски, кој беше и модератор за време на дводневниот настан.

На 4 декември хакатонците ги презентираа демо верзиите од софтверските решенија за натпреварот Скопски автобуски хакатон. По презентациите, комисиите на двата натпревари ги избираа најдобрите решенија.

Победник на натпреварот Паметна автобуска постојка е тимот УРБАН ЛАБ 1, кој се состои од млади архитекти, инженер по електротехника и софтверски инженер: Мила Рориќ, Дејан Томски, Ѓорѓи Нусев и Марина Најдоска.

Тимот на Ројал Грин, составен од младите софтверски инженери: Игор Завојчевски, Гоце Богоески, Игор Георгиоски и Никола Брдароски се победниците на Скопски автобуски хакатон. Тие ќе испратат свој преставник во Канада во 2017 да се натпреварува на глобалниот хакатон за транспорт организиран од Youth for Public Transport. Во своето решение ја имплементираа и иницијативата за споделување возило, Social Car, поддржана од програмата на Европска унија Хоризонт 2020 при Град Скопје.

Наградите на двата натпревари им ги додели директорот на ЈСП Скопје, г. Игор Јанушев.

Во текот на следниот период ЈСП Скопје и победниците на Скопски автобуски хакатон и Паметна автобуска постојка ќе ги детализираат условите за имплементација на овие решенија во јавниот градски автобуски превоз во Скопје.

Фондот за иновации и технолошки развој, Градот Скопје, ЈСП Скопје, Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство од Скопје (ФИНКИ), Техничкиот факултет во Битола, Технолошки Парк (SEEUTechPark), Факултетот за информатика од Штип и Факултетот за информатички и комуникациски технологии од Битола од почетокот на септември го организираа натпреварот Скопски автобуски хакатон на кој се изработуваше иновативно софтверско решение во насока на зголемување на задоволството од користење на јавниот градски транспорт во Скопје (ЈСП Скопје). Дополнително, во натпреварот учествуваше и Social Car иницијативата поддржана од програмата на Европска унија Хоризонт 2020.

Натпреварот Паметна автобуска постојка беше во организација на Фондот за иновации и Технолошки развој, Министерството за образование и наука, ЈСП Скопје и Град Скопје, Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство од Скопје (ФИНКИ), Машинскиот факултет од Скопје и УНДП со цел промоција на иновациската дејност, поттикнување на соработката помеѓу научно-истражувачките, високо-образовните институции и бизнис секторот со цел промоција на лабораториите во овие високо-образовни институции. На натпреварот Паметна автобуска постојка се изработуваше идејно решение за автобуската постојка на ул. Димитрие Чуповски бб (Рекорд-Центар).