Прогласени победниците на Златно тркало 2023 година

91

Четвртото издание на Националниот избор за Најпосакуван Автомобил, Златно Тркало, ги доби своите победници во секоја од категориите

Четвртото издание на Националниот избор за Најпосакуван Автомобил во Македонија дојде до својот крај, гласањето за Златно тркало 2023 година заврши, со што се познати победниците во секоја од категориите и освојувачот на Главната награда за Најпосакуван автомобил во Македонија.

Циклусот на гласање заврши, а автомобилските вљубеници и ентузијасти го дадоа својот придонес во овој избор, оформувајќи ја листата на победници. До петокот 31 Март во 23:50 часот, по 14 дневно гласање, вкупно имавме 12.875 гласања во 3 категории.

Активностите околу гласањето минаа во фер и спортска атмосфера, сите финалисти беа промовирани адекватно и подеднакво на социјалните мрежи од страна на организаторите. По добивањето на конечниот резултат од гласањето, кое траеше до 31 март (петок) во 23:50 часот, собрани беа вкупно 12.875 гласови добивајќи репрезентативен примерок каков што досега не е забележан кај нас, избрани се победниците во секоја од категориите, а тоа се:

– Најпосакуван Премиум Автомобил во Македонија со 35.64% од гласовите – Alfa Romeo Tonale

Златно Тркало 2023

– Најпосакуван Семеен Автомобил во Македонија со 30.49% од гласовите – Toyota Corolla Cross

– Главна Награда Најпосакуван Автомобил во Македонија со 30.62% од гласовите – Peugeot 408

Со оглед на тоа што минатата година беа 5 категории и од прилика сличен број гласања, веруваме дека е зголемил интересот, а секако помогна и заедничкиот ангажман во промоција на изборот.

По иницијатива на Авто Плус, заедно во организација CARClub, Cars by Vik и RPM, Златно Тркало пристигна како уникатен начин за да се избере најпосакуваниот автомобил и опстојува во своето четврто издание, израснувајќи во своевидна традиционална манифестација.

Кога станува збор за самиот избор, учество можеа да земат сите нови автомобили кои се промовираа на пазарот во изминатите 12 месеци. На конечната листа се најдоа моделите кои овластените импортери одлучија да ги номинираат.

По ова, финалистите беа ставени на гласање пред јавноста, а сите лица во земјава кои имаат пристап до интернет и социјални мрежи можеа да го дадат својот глас, според кој се добива конечниот резултат.