Компанијата Благој Ѓорев започнува со пласман на своите производи во Црна Гора, а поради зголемената побарувачка ќе го зголеми извозот и во Албанија. Производите на Благој Ѓорев втора година се веќе присутни на пазарот во Босна и Херцеговина и трета во Косово.
На странските пазари се пласираат маслото за јадење Кристал, повеќе видови маргарини, како и други производи од широкиот асортиман на оваа македонска компанија. Компанијата минатата година прослави 90 години постоење на македонскиот пазар.
“Извозот во Црна Гора за нас е од големо значење, бидејќи е резултат на силните напори и заложби на нашиот тим за пробив на овој странски пазар и доближување до тамошните потрошувачи. Истовремено, горди сме и на пласирањето на нашите производи во Косово, Босна и Херцеговина и зголемениот извоз во Албанија, што ни овозможува порентабилно искористување на нашите капацитети и потврда дека можеме да бидеме конкурентни со квалитет и да се пробиеме и на други пазари“, велат од компанијата.
Генералниот директор Горан Лазов, рече дека и натаму ќе вложуваат во развој на нови производи и освојување на нови пазари, континуирано унапредување на процесот на производство, како и подобрување на квалитетот на нивните производи.
Благој Ѓорев работи од 1923 година. Покрај маслото за јадење и маргаринот, во основните производи на компанијата спаѓаат и растителната маст и растителната мрс, а компанијата на пазарот нуди и висококвалитетни производи за широка потрошувачка како велешката таан алва, локумот со разни вкусови, желе бонбони, пакувањата од кокос, сусам, какао, алкохолен, вински и јаболков оцет, како и зачинот Кристал.