
Чоколадото ризикува да стане уште поскапо ако новата жетва на какао во Западна Африка на крајот не ги исполни очекувањата.
Цените на какаото се зголемија за околу 47 отсто минатата година поради стравувањата дека лошите временски услови и болестите на земјоделските култури ќе му наштетат на производството во Брегот на Слоновата Коска и Гана, кои сочинуваат две третини од светската понуда, пишува Блумберг.
Временскиот феномен Ел Нињо може да ги влоши работите, а аналитичарите очекуваат трет последователен глобален недостиг за новата сезона штотуку започнува.
Врвни производители на чоколади како Hershey Co. и Lindt & Spruengli AG веќе предупредија за можни натамошни зголемувања на цените, а производите со повисоки цени ќе и наштетат на побарувачката во Европа, но и на клучниот растечки пазар во Азија.
Фјучерсите на какаото во Њујорк го достигнаа највисокото ниво во последните 12 години во средината на септември, со цени малку повисоки од оние последен пат забележани во 1979 година. Растот беше поттикнат од прекумерните дождови, појавата на штетници и болести кои ги погодија посевите во Западна Африка.
Клучното прашање засега е што ќе се случи со жетвата која неодамна започна во Гана, и почнува во Брегот на Слоновата Коска.
Брегот на Слоновата Коска прогнозираше во јули дека производството во главната жетвена сезона, која трае од 1 октомври до март, ќе биде намалено за речиси една петтина од минатата година, рекоа тогаш луѓе запознаени со ова прашање. Износот сепак може да се промени, откако некои земјоделци ги прекинаа испораките во очекување на повисоки цени во новата сезона.











