Производителите на дијаманти од Африка се загрижени поради санкциите на Г7 за увоз од Русија

Неколку производители на дијаманти во Африка  побараа од Г7 да ги разгледа несаканите последици од евентуалната втора фаза забрана на руските дијаманти.

Имено, тие се загрижени дека ќе се зголемат цените на африканските скапоцени камења.

Апелот беше упатен до Групата седум од Де Бирс, Англо Американ и Окаванго Дајмонд Компани, државна компанија во Боцвана на маргините на рударскиот собир во Кејп Таун, објави Ројтерс.

Агенцијата потсетува дека во декември земјите од Г7 објавија директна забрана за руските дијаманти од 1 јануари, по што следеа постепено ограничување на индиректниот увоз на скапоцени камења од таа земја од околу 1 март.

Нов систем за следење на потеклото на скапоцените камења ќе биде воведен во септември, но постои загриженост за тоа како и каде да се провери земјата на потекло на дијамантот.

„Африканските производители би биле принудени да ги испратат сите свои дијаманти во една насока, наместо да избираат по кој пат да одат, па африканските дијаманти би станале многу поскапи“, рече извршниот директор на De Beers, Ал Кук на маргините на состанокот во Кејп Таун.

Компанијата претходно ја повика Г7 да ги ангажира Боцвана, Намибија, Јужна Африка, Ангола и Индија за заеднички да формираат нов модел за следливост на дијаманти.

„Ја разбираме и поддржуваме потребата од санкции на Г7, но навистина ни е важно тие да го имаат посакуваниот ефект без да создаваат страшни несакани ефекти“, рече Кук.

Русија е најголемиот светски производител на груби дијаманти по волумен, а новите ограничувања на трговијата со руски скапоцени камења се дел од пошироките мерки на блокот дизајнирани да ги намалат приходите на Москва кои ја помагаат и финансираат нејзината војна во Украина.