Фото: Pixabay
Денес го добивате овој Tip of the week во ново руво. Го подготвувавме некое време, но најтешкиот момент ни беше дека ќе треба да го смениме. Соодветно на тоа и ние ќе треба да се промениме. Поттикнат од промената што ја направивме ние, сакав да споделам со вас размислувања околу промените.
Иако сме сите свесни дека промените се случуваат околу нас и дека се нешто од што не можеме да избегаме, мислам дека луѓето не се подготвени за промени. Имајќи го тоа предвид, можеме едноставно да ги поделиме луѓето во две групи:
- Луѓе кои се отворени кон промени и
- Луѓе кои не се отворени кон промени
Немојте да пробувате да се најдете во некоја од овие две групи, затоа што сите ние би сакале да припаѓаме на првата група. Па, кого било да прашате, ќе ви каже дека е отворен за промени.
Прашањето е колку сме НАВИСТИНА отворени кон промени. Колку сме свесни за тоа и колку не сме свесни за тоа дека промени се потребни. Еве ви неколку совети – како да станете свесни за промените и да прифатите дека промените мора да се случуваат, ако сакате да напредувате лично и професионално:
- Разберете веќе еднаш дека промените нон-стоп ќе се случуваат – ова е прва и најважна работа и кога ќе го прифатите ова, сè друго ќе ви биде полесно.
- Некои промени нема да бидат баш пријатни – и ова е дел од промените, но затоа нашите предци нашле решение и за ова, па рекле: секое лошо за добро е.
- Намалете ги очекувањата – доколку вие ја правите промената, немојте да поставувате многу високи очекувања. Немојте тоа да го правите затоа што, ако не ги остварите, тогаш секоја нова промена ќе ви биде со големи стравови.
- Учете од секоја промена – учете од сопствените, но и од промените кај другите околу вас. Секоја научена и прифатена промена ве прави посилни при новите промени.
- Знајте кога да ги прифатите промените, а кога да не ги прифатите промените – со тек на време станувате сè поискусни и ќе знаете кога ќе донесете вистинска одлука.
- Опуштете се – земете воздух… избројте до 100 (не знам дали помага, но штом толку многу го споменуваат, мора да помага)… вежбајте… ако сте опуштени, тоа ќе ви овозможи полесно да се справите со промените.
- Бидете подготвени – доколку знаете дека некоја промена ќе се случи, би било паметно да бидете подготвени.
- Забележете ги знаците – промените не доаѓаат туку така. Мора да има некои знаци кои ќе наговестат дека ќе има промена, па пробајте да видите.
- Секоја промена носи нови работи – бидете подготвени дека ќе треба да живеете нов живот, да работите по нов начин и ред други работи, па затоа дајте си време да се навикнете на новиот начин.
Како што можете да видите, промените не се случуваат туку така. Ние сме тие што ги правиме, но понекогаш не сме свесни дека ние ги правиме. Но и да не ги правиме ние, промените имаат огромно влијание врз сите нас индивидуално или групно.
Со успех во промените.