Прометот во индустријата со пад од 26,7 отсто

38

Прометот во индустријата во мај годинава во споредба со истиот месец минатата година има пад од дури 26,7 проценти. Ова го покажуваат најновите податоди на Државниот завод за статистика кои открија дека индексот на прометот во индустријата изнесува 73.3.

– Според главните индустриски групи, вкупниот промет во индустријата во мај 2024 година, во однос на мај 2023 година, бележи опаѓање кај Интермедијарни производи, освен енергија за 14,6 отсто, Капитални производи за 43,2 проценти, Tрајни производи за широка потрошувачка за 0,1 отсто и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 8,6 проценти – се наведува во соопштението на ДЗС.

Притоа додаваат дека индексот на прометот во индустријата на домашниот пазар, во мај 2024 година, во однос на мај 2023 година, изнесува 93.1. Ова покажува дека на домашен терен, падот на прометот во индустријата не е толку голем, поточно има намалување од 6,9 проценти.

– Според главните индустриски групи, прометот во индустријата на домашниот пазар во мај 2024 година, во однос на мај 2023 година, бележи  опаѓање кај Интермедијарни производи, освен енергија за 8,7 отсто, Tрајни производи за широка потрошувачка за 18,5 проценти и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 5,8 отсто, додека пораст бележи кај Капитални производи за 6,1 процент – се додава во соопштението на ДЗС.

Од друга страна, прометот на индустријата на странските пазари во месец мај годинава е намален за 31,8 проценти во споредба со истиот месец минатата година, бидејќи индексот на прометот во индустријата на странските пазари, во мај 2024 година, во однос на мај 2023 година, изнесува 68.2.

– Според главните индустриски групи, прометот во индустријата на странските пазари во мај 2024 година, во однос на мај 2023 година, бележи опаѓање кај Интермедијарни производи, освен енергија за 15,2 проценти, Капитални производи за 44,4 отсто и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 11,4 проценти, додека пораст бележи кај Tрајни производи за широка потрошувачка за 8,5 отсто – се додава во соопштението на ДЗС.

Статистичарите исто така посочуваат дека индексот на прометот во индустријата на странските пазари, во мај 2024 година, во однос на април 2024 година, изнесува 95.8, што значи дека има пад од 4,2 отсто. Додека во периодот јануари – мај 2024 година, во однос на периодот јануари – мај 2023 година, индексот на прометот на индустријата на странските пазари изнесува 83.9 или бележи пад од 16,1 отсто.