Промовирана државната енергетска стратегија за периодот 2013-2017 година

58

hidrocentralaМинистерството за економија ја промовираше Програмата за реализација на Стратегијата за развој на енергетиката на Република Македонија за периодот 2013-2017 година.

Документот беше промовиран од страна на министерот за економија Ваљон Сараќини и академиците Абдулменаф Беџети и Глигор Каневче.

“Со програмата се утврдуваат мерките, условите, начинот и динамиката на реализација на Стратегијата за развој на енергетиката на Република Македонија до 2030 година, потребните финансиски средства за реализација на активностите предвидени во Програмата во наредните пет години, изворите и начинот на обезбедување на средствата, како и носителите на предвидените активности”, информираше министерот Сараќини.

Разгледувани се две сценарија и тоа, според основното сценарио потребите од финална енергија во 2017 година се планира да изнесуваат 2354 ktoe (килотони еквивалентни), додека финалната енергија во сценариото со енергетска ефикасност во 2017 година се планира да изнесува 2224 ktoe .

“Во 2017 година потребите од електрична енергија се планира да изнесуваат 10010 GWh за сценариото со мерки за енергетска ефикасност и 10620 GWh за основното сценарио”, истакна министерот.

Меѓу другото министерот Сараќини посочи дека во 2014 година се планира да заврши ревитализацијата на големите хидроелектрани, со што ќе се зголеми инсталираната моќност на постојните, ќе се инсталира нова модерна опрема, ќе се превземат активности за заштита и подобрување на состојбата на браните. Во 2017 планирано е да се пушти во употреба ХЕЦ Бошков мост, во 2014 година да се изгради Ветерната електрана во Богданци, а се планира да отпочнат со изградба ХЕЦ Чебрен, Луково поле, како и уште две термоелектрани топлани на природен гас.

За реализација на мерките предвидени се околу 1.260 милијарди евра од кои 467 милиони евра за проекти на АД ЕЛЕМ, за јавно приватни партнерства 400 милиони евра, од приватни инвеститори 160 милиони евра, за проекти на АД МЕПСО 110 милиони евра, од државни средства, пред се за развој на гасификациониот систем, околу 60 милиони евра, за проекти на АД ГА-МА 4 милиони евра и од локална самоуправа 15 милиони евра.