Пропадна и шестиот тендер за хидроцентралите Чебрен и Галиште

65

Владата во петокот ја прекина постапката за доделување концесија за производство на струја од хидроцентралите што требаше да се градат на Црна Река и за учество во јавно-приватно партнерство со АД ЕЛЕМ.

„Прекина постапката за проектот ХЕЦ Чебрен и ХЕЦ Галиште поради неприфатливост на доставените понуди“, соопштија вчера од Министерството за економија. И двете понуди на компаниите што останаа во трката за хидроцентралите, кинескиот конзорциум Чајна вотер електрик, ЦВЕ и грчката Паблик пауер корпорејшн ППЦ, не ги исполниле условите на тендерот. Имено, како што појаснуваат во Економија, понудата на кинескиот Конзорциум не била во согласност со тендерските барања и содржела некои други услови кои не биле прифатливи за Владата. Меѓу нив се: гарантиран откуп на целата произведена електрична енергија според однапред договорена цена, ХЕЦ Тиквеш да биде вклучена во заедничката компанија со датумот на ефективност на Договорот за концесија и гарантирана стапка на поврат на инвестиција (ИРР) од страна на Владата, во случај на лоша хидролошка состојба.

Понудата на грчката компанија, пак, била во согласност со тендерските услови, меѓутоа процентот акции од 28% на АД ЕЛЕМ во идната заедничка компанија, бил премногу низок и оттаму и неприфатлив за Владата.