Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата во декември 5,02 проценти

20

Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити во декември лани изнесува 5,21 процент и е намалена за 0,17 процентни поени на месечна основа, додека на годишна основа бележи раст од 0,38 процентни поени.

Според податоците на Народната банка, просечната каматна стапка на вкупните кредити, во декември 2023 година изнесува 5,47 проценти, со минимален месечен пад од 0,01 процентен поен и годишен раст од 1,03 процентен поен.

Во декември, каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата е непроменета на месечна основа. Анализирано на годишна основа, оваа каматна стапка забележала раст од 0,58 процентни поени.

Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата изнесува 5,02 проценти и е намалена за 0,33 процентни поени на месечно ниво. На годишна основа, оваа каматна стапка бележи раст од 0,64 процентни поени.

Новоодобрените кредити на корпоративниот сектор во декември се со месечен пад на каматната стапка од 0,09 процентни поени, и изнесува 5,30 проценти.

Во декември 2023 година, просечната каматна стапка на вкупните кредити на корпоративниот сектор е намалена за 0,03 процентни поени на месечно ниво и изнесува 5,33 проценти.

Просечната каматна стапка на вкупните депозити, пак,  изнесува 1,79 проценти, со месечно и годишно зголемување за 0,05 процентни поени и 0,93 процентни поени, соодветно. Просечната каматна стапка на новопримените депозити остварила месечен и годишен раст од 0,09 процентни поени, односно 1,03 процентни поени, а изнесува 2,37 проценти.

Кај вкупните депозити на корпоративниот сектор, каматната стапка е со пад од 0,17 процентни поени на месечно ниво и изнесува 2,06 проценти.  Кај новопримените депозити во овој сектор има зголемување на каматната стапка за 0,48 процентни поени, односно изнесува 2,19 проценти. Раст од 0,07 процентни поени има кај каматната стапка на вкупните депозити на домаќинствата и таа изнесува 1,76 проценти. На новопримените депозити на домаќинствата каматната стапка изнесува 2,42 проценти  и е намалена за 0,04 процентни поени.