Просечната месечна нето-плата по вработен во правните лица во Хрватска за август изнесува 1.324 евра, што е номинално и реално за 0,7 отсто повеќе од јули, покажуваат податоците што во понеделникот ги објави Државниот завод за статистика (ДЗС).
Во истиот месец просечната бруто-плата изнесува 1.838 евра, што е номинално и реално за 0,9 отсто повисока.
Највисока просечна месечна нето-плата е исплатена во Авиопревозот во износ од 2.222 евра, а најниска во Производство на облека од 838 евра.
Што се однесува до бруто платата, таа исто така била највисока во Авиопревозот и изнесувала 3.252 евра, а најниска во Производство на облека со 1.085 евра.
Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен кај правните лица е повисока за 13,8 отсто на годишно ниво, а реално за 11,8 отсто.
Бруто платата во август е номинално повисока за 13,9 отсто, а реално за 11,9 отсто во однос на истиот месец од претходната година, наведуваат од ДЗС.
За периодот од јануари до август, просечната нето плата изнесува 1.302 евра, односно 15,1 номинална и 11,5 отсто повеќе реално на годишно ниво.
Во истиот период бруто-платата номинално е повисока за 15,3 отсто, а реално за 11,7 отсто од пред една година.
Во август имало просечно 175 платени часови, за 3,8 помалку од јули, а најголем број, 183, се забележани во воден транспорт, помошни услужни дејности во рударството и дејностите здравствена заштита.