Просечната ноемвриска нето плата во Хрватска е 1.498 евра

Просечната ноемвриска месечна нето плата во Хрватска изнесуваше 1.498 евра, што е номинално повисока за 1,9 проценти, а реално за 1,3 проценти во споредба со октомври, објави Државниот завод за статистика на Хрватска (ДЗС).

На годишно ниво, просечната хрватска нето плата е номинално повисока за 9,7 проценти, а реално за 5,7 проценти, во споредба со ноември 2024 година.

Највисоката просечна месечна нето плата по вработен за ноември 2025 година, како и во претходните месеци, е исплатена во категоријата воздушен превоз и изнесува 2.315 евра.

Спротивно на тоа, најниската просечна нето плата во Хрватска е регистрирана во производството на облека во ноември и изнесува 967 евра.

Средната нето плата во Хрватска за ноември изнесувала 1.278 евра, што значи дека половина од вработените во Хрватска заработуваат помалку од споменатата сума.

Како што е наведено во извештајот, платата во хрватските медиуми е зголемена за 10 проценти во споредба со ноември 2024 година.