Просечната плата Во Црна Гора во април изнесуваше 1009 евра

Просечната заработка (бруто) во април во Црна Гора изнесуваше 1.202 евра, додека просечната заработка без даноци и придонеси (нето) изнесуваше 1.009 евра. Просечната (нето) плата во април во споредба со март забележа раст од 0,6 проценти, додека просечната (нето) плата во април 2025 година во споредба со истиот месец од претходната година забележа раст од 21,9 проценти, соопшти Управата за статистика МОНСТАТ.

„Ако се земе предвид дека потрошувачките цени во април во споредба со март забележаа зголемување од 0,8 проценти, следува дека реалните плати за истиот период забележаа пад од 0,2 проценти“, наведуваат од МОНСТАТ.

Според сектори на дејност, просечните плати без даноци и придонеси (нето) во април во споредба со претходниот месец бележат раст во следните сектори на дејност: Уметност, забава и рекреативни активности (2,7 проценти), Здравство и социјална грижа (2,5 проценти), Трговија на големо и мало; поправка на моторни возила и мотоцикли (1,9 проценти), Државна управа и одбрана: задолжително социјално осигурување (1,8 проценти), Преработувачка индустрија (1,2 проценти), Сместување и угостителски услуги (1,2 проценти), Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација (1,1 процент), Градежништво (1,1 процент), Рударство и вадење камен (0,4 проценти), Образование (0,3 проценти) и Земјоделство, шумарство и рибарство (0,2 проценти).

Пад на просечната заработка без даноци и придонеси (нето) во овој период е забележан во следните сектори: Информации и комуникации (5,2 проценти), Дејност со недвижнини (4,9 проценти), Финансиски и осигурителни дејности (2,8 проценти), Транспорт и складирање (1,5 проценти), Водоснабдување; управување со отпадни води, контрола на процеси; отстранување на отпад и слични дејности (0,8 проценти), Стручни, научни и технички дејности (0,5 проценти), Други услужни дејности (0,2 проценти) и Административни и помошни услужни дејности (0,1 процент).