Просечната плата во Србија изнесува 882 евра

Просечната плата (бруто) во Србија пресметана за февруари оваа година изнесувала 142.908 динари,(1218 евра) додека просечната плата без даноци и придонеси (нето) изнесувала 103.519 динари, (882 евра) објави Републичкиот завод за статистика.

Средната нето заработка изнесувала 80.732 динари, што значи дека 50% од вработените оствариле заработка до тој износ.

Растот на бруто и нето заработката во периодот јануари-февруари 2025 година, во споредба со истиот период минатата година, изнесувал 11,1% номинално, односно 6,2% реално.

Во споредба со истиот месец од претходната година, просечната бруто и нето заработка за февруари 2025 година е номинално поголема за 10%, а реално за 5,3%.