Проширување на мерката за системи за наводнување фуражни култури

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков денес ќе изнесе повеќе информации во врска со проширувањето на мерката со која ќе се финансираат системите за наводнување капка-по-капка за пченка, сончоглед и останатите фуражни култури.

Проширувањето е резултат на успешното пилотирање на финансиската поддршка за поставување на системи капка-по-капка во 2014 година, со која беа предвидени пет милиони денари.

Земјоделците кои ги набавија овие системи и успешно аплицираа за поддршка, добија финансиска помош во износ од 50% од цената на набавените системи.

Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси, во 2013-2014 година ја започна иницијативата Да одгледуваме повеќе пченка, за модернизација на производството на оваа култура во Македонија.

Како дел од иницијативата беа донирани 120 системи капка-по-капка и беа обучени 120 земјоделци, кои успешно ги зголемија приносите на пченка за два до три пати.