Издавачката куќа Просветно дело го прославува 70 – годишното постоење и излегувањето на првиот Буквар, а по тој повод го објавува првиот Звучен буквар на македонски јазик, пишува Миа.
Просветно дело има длабоко историско – културолошко значење, пред сè заради остварувањето на вековните желби на Македонците за свој јазик, писменост и култура. Првиот Буквар на македонски јазик е објавен во 1945 година во издание на тогашното Државно книгоиздателство, подоцна познато како Просветно дело.
“Просветно дело ја презеде една од најодговорните и најсуштествените задачи на полето на образованието во услови на отсуство на традиција на пишување, издавање и печатење учебници и во недостиг на стручни кадри. Благодарение на ентузијазмот на пионерите во издавачката дејност кај нас, со издавањето на Букварот, Граматиката и Правописот беа поставени темелите на македонскиот литературен јазик и на учебникарството”, изјави по повод јубилејот генералниот директор на Просветно дело, Павле Петров.
Неколку наслови од седумдецениската историја на Просветно дело се клучни за македонската култура. Првата печатена книга на македонски јазик, Збирката на македонски народни песни, првите македонски Буквар, Правопис и Граматика, првата преведена книга на македонски јазик – Сердарот од Григор Прличев, Граматиката на македонскиот литературен јазик од Блаже Конески, Правописот на македонскиот јазик со правописен речник, Тротомниот речник на македонски јазик, Историјата на македонскиот народ и Географијата на Македонија.
Благодарение на Просветно дело, Македонија веќе 20 години е во чекор со светските трендови кога станува збор за издаваштвото за деца. Оваа издавачка куќа е застапник на издавачките права на најдобрите светски детски лиценцирани изданија: Штрумфови, Дизни, Хелоу Кити, Бен 10, Том и Џери, Скуби Ду, Бетмен, Супермен…
Од 2004 година дел од Просветно дело стана уште еден бренд на македонското издаваштво – Детска радост со најстарите детски списанија Росица, Другарче, Развигор и Наш свет. Со замирањето на примарната дејност, издавањето учебници, Просветно дело се зацврсти на пазарот како лидер во продажбата на литература за деца и училиштен и канцелариски прибор од неколку врвни европски брендови.