Протекционизмот не води никаде, нема победници во трговската војна, вели кинескиот вицепремиер

Протекционизмот не води никаде и нема победници во трговската војна, изјави  кинескиот вицепремиер Динг Ксуеџијанг на Светскиот економски форум во Давос.

Според неговото мислење, мултилатерализмот е „вистинскиот пат за одржување на светскиот мир и унапредување на човечкиот развој“, пишува Ројтерс.

Кина „не брка трговски суфицит“ и е подготвена да увезе поконкурентни и поквалитетни производи и услуги за да ја балансира трговијата, рече кинескиот претставник.

Според него, глобалната соработка е од суштинско значење за решавање на големите глобални предизвици како што се климатските промени, безбедноста на храната и енергетската стабилност.

Владата во Пекинг ќе остане посветена на транзицијата на зелена енергија и покрај повлекувањето на Соединетите Држави од Парискиот климатски договор, додаде Динг Ксуеџијанг.

Кина го отфрла „менталитетот на Студената војна“ и технолошките јазови меѓу богатите и сиромашните земји, ќе продолжи со реформите и исто така ќе одговори на загриженоста на странските инвеститори за недостатокот на „рамноправно поле за игра“ на кинескиот пазар, објави South China Morning Post.