Протестите на превозниците во Италија го загрозуваат производството на тестенини

Снабдувањето со храна во Рим би можело да биде доведено во прашање, бидејќи сообраќајните метежи го отежнуваат доставувањето производи од југот на Италија.

Поради блокадите на патиштата и повисоките трошоци за транспорт, има недостиг од домати, пиперки и грозје, што поттикнува раст на цените и ја зголемува зависноста од увоз од земји како Шпанија и Албанија, предупреди најголемиот италијански трговец на големо со овошје и зеленчук, „Центро Агроалиментаре Рома“ (ЦАР).

Проблемите влијаеја и врз прехранбената индустрија. Производителот на тестенини Румо од Кампанија го прекина производството бидејќи остана без суровини.

Извршниот директор на компанијата Козимо Румо изјави за весникот „Ла Република“ дека речиси секој голем производител на тестенини во соседна Пуља се соочува со слични тешкотии.

Поголемиот дел од италијанското производство на тестенини е запрено или е на работ на запирање, додаде Румо.

„Ла Молисана“, производител на тестенини со седиште во Молизе, исто така, објави значително намалено производство, додавајќи дека дошол до залихи од пченица и пченичен гриз.

Земјоделското здружение „Конфагриколтура“ предупреди дека производителите во Сицилија ќе мора да уништат големи количини лесно расипливи производи доколку транспортот не се нормализира наскоро.

Според извештајот на истражувачката група „Европска куќа-Амбросети“ (TEHA Group), објавен во септември, италијанската индустрија за тестенини остварила приходи од 13,5 милијарди евра минатата година.

Италијанската влада најавува дополнителна помош за патните превозници. По состанокот со нивните претставници во вторник, заменик-министерот за инфраструктура Едоардо Рикси изјави дека пакет мерки за поддршка во вредност од повеќе од 150 милиони евра ќе биде достапен наскоро.

Минатата недела демонстрантите блокираа патишта и пристаништа во Сицилија и јужна Италија, што резултираше со празни полици во продавниците и долги редици на бензинските пумпи.

Винченцо Алеција, претседател на здружението за патен транспорт во Трапани, пристанишен град во западна Сицилија, изјави за Ројтерс дека е свесен за сериозноста на ситуацијата, но нагласи дека станува збор за мирен протест во интерес на граѓаните бидејќи зголемувањето на цените влијае на сите.

Агенцијата за управување со воздушниот сообраќај ENAV во среда објави дека аеродромите Кротоне и Реџо Калабрија останале без керозин поради доцнење во испораките.

Затоа, пилотите мора да го наполнат авионот со доволна количина гориво на аеродромот од кој полетале или пристигнале, соопшти ENAV.

Сицилијанскиот Комитет за патен транспорт (CTS) во вторник објави дека ја напушта блокадата, бидејќи министерот за транспорт Матео Салвини се сретна со здруженија во Милано, а владата објави дека ќе започне исплатата на веќе најавената помош од 480 милиони евра.

Транспортерите во Калабрија и други делови од јужна Италија изјавија дека ќе продолжат со протестите барем до новиот состанок во министерството закажан за 27 октомври во Рим.