Прв Конгрес на физиотерапевти на Македонија

47

slika

Во конгресната сала на МАНУ, денеска ќе се одржи свеченото отворање на Првиот Конгрес на физиотерапевтите на Македонија во организација на Здружението на физиотерапевти на Република Македонија (ЗФРМ).

Во текот на четири дена, на Конгресот ќе бидат презентирани 40-тина предавања со кои ќе бидат обработени теми од спортската, педијатриската, кардиоваскуларната, невролошката и посттрауматската рехабилитација.

Дел од програмата ќе биде наменет и за физиотерапевтскиот третман на ретките заболувања како што се ретт синдром, даунов синдром и АЛС амиотрофична латерална склероза.

Конгресот ќе придонесе во информирањето и пренесувањето на новите светски достигнувања на физикалната терапија и рехабилитација, а воедно ќе го презентира напредокот на македонските физиотерапевти.

Освен стручни предавања, на конгресот ќе се одржат и неколку работилници на кои ќе се обработат и презентираат најразлични нови мануелни техники кои се популарни во светската физиотерапија.

Досега своето учество го најавија 130 физиотерапевти од Македонија, Бугарија, Турција, Албанија, Косово, Србија, Црна Гора, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Италија, Швајцарија, Велика Британија.

Додека трае конгресот, учесниците ќе имаат можност да уживаат во изложбата Гушни ја реткоста која беше создадена по повод  светскиот ден на ретки болести. Во соработка со платформата за активизам Лице в Лице, на конгресот ќе бидат присутни колпортерите на истоимениот магазин, па учесниците ќе можат да го набават магазинот и директно да ги поддржат социјално ранливите категории на луѓе од нашето општество.