Првиот човек на Tata Motors пронајден мртов, веројатно извршил самоубиство

20

tata motorsКарл Слим, директорот на најголемиот индиски произведувач на автомобили Tata Motors почина по пад од прозор од хотелската соба во Бангкок, а полицијата во понеделникот изјави дека веројатно се работи за самоубиство.

Слим (51) беше британски државјанин, а во Бангкок бил на состанок на управата на тајландскиот огранок на компанијата. Со сопругата бил сместен на 22. кат во хотелот Shangri-La. Вработените во хотелот го нашле неговото тело во неделата на четвртиот кат. Според полицијата, немало знаци на борба, а прозорот бил отворен.

“Прозорот го најдовме отворен, но тој е толку мал што е невозможно случајно да падне од него. Тој беше крупен и морал намерно да се провлече за да падне. Веруваме дека намерно се фрлил”, велат од полицијата, пренесуваат агенциите.

Полицијата во собата пронашла писмо на три страници што го напишала неговата сопруга. Таа во писмото ги изразила своите чувства како што ја советувал семејниот брачен советник, за да избегнуваат директни расправии. Сопругата, според полицијата, не е осомничена.

Пред да почне да работи за Tata Motors, Слим пред 2012 година работел за Toyota за Велика Британија, а пред тоа 17 години бил во General Motors.

По веста за неговата смрт, акциите на Tata Motors паднаа за повеќе од 6%.