Првиот европски минибус со автономија Ниво 4 доби лиценца

80

Франција официјално му одобри минатата недела на производителот на автономни минибуси, EasyMile, да управува со нивните возила на јавни патишта. Ова е прв ваков случај во Европа, каде возило со автономија Ниво 4 има дозвола да вози по јавни патишта, без оператор во возилото задолжен за контрола и преземање контрола над возењето.

По добиената дозвола, EasyMile сега започнува со тестирање на своите автономни патнички шатлови во Тулуз. Таму овие возила ќе превезуваат патници во близина на болничкиот кампус. Производителот долго време работеше на тоа, а сето тоа кулминираше минатата недела со добивањето лиценца. Тоа беше побарано уште кон крајот на јуни, кога EasyMile требаше да им докаже на властите дека нивната технологија е способна да вози самостојно, како и дека е сигурна и безбедна.

Во изминатата година и пол истата компанија забележа уште неколку „први“ остварувања. Тие станаа првиот сопственик на технологија за автономно возење што воведе целосно автономни возила на приватните патишта во Франција, а потоа управуваа со своите минибуси со 4-то ниво на автономија на седум места низ светот, станувајќи притоа светски лидер.

„Ова е голем чекор кон комерцијализација на автономното возење, како на големи приватни локации така и на јавни патишта. Нашата технологија може да се примени за транспорт на луѓе и работи на се повеќе места, како што се кампуси, деловни паркови, индустриски постројки и затворени, плански изградени, населби“, рече извршниот директор на EasyMile, Беноа Перин.