Прво истражи го пазарот, па потоа извезувај

38

izvoz

Фото: Pixabay

Доколку компаниите сакаат да го прошират својот бизнис и да почнат да ги извезуваат своите производи, пред сè мора да направат анализа на странскиот пазар, за да увидат дали се доволно конкурентни.

„Компаниите пред сè треба да имаат продукт микс – продукт и сервиси. Доколку компаниите планираат да ги извезуваат своите производи, потребно е да имаат добар продукт и комуникациски канали или партнерска мрежа. Првите чекори се дефиниција и цели, стратегија и анализа на пазарот, за да може идејата да се реализира. Интернетот е глобален океан на идеи. Идејата може да се земе и ако се интерпретира на свој сопствен начин, тогаш би била иновација. HP работи со иновативни производи кои се препознатливи на пазарот, дојдени се од идеја на обични луѓе и на крај се имплементирани во иновација. Интенцијата е да се има совршен производ за да може да се пенетрира на домашен или на другите пазари на региононално и глобално ниво“, вели Владимир Парлеев, бизнис комерцијален менаџер во Hewlett Packard.

Истражувањето на пазарот овозможува да се согледаат потребите на потрошувачите, да се увиди дали производот би бил рентабилен на тој пазар.

„Во основа мора да се има добар и квалитетен производ, добра анализа и стратегија, одлично развиени сектори во рамките на компанијата. Исто така потребни се пари и инвестиции, пред се во луѓе. И резултатот е неминовен. Пробивот на странските пазари е тежок, исто како и секојдневието. Секое утре значи нови тешкотии и нови напори, меѓутоа од друга страна претставуваа и огромно задоволство. Доколку компаниите сакаат да почнат со извоз на своите производи, треба реално да ги анализираат сите сегменти од своето работење. Често прават грешка и анализираат еден или два сегмента од своето работење. Најчесто пропуштаат на профитабилноста на производот и тогаш нема бизнис“, вели Јован Дабевски, сопственик и управител на Млекара Здравје Радово.

Маркетингот на производот е еден битен сегмент кој влијае на неговата продажба. Меѓутоа, потребите на потрошувачите се различни во зависност од поднебјето во кое живеат. Затоа компаниите треба прво да се обидат да ги освојат регионалните пазари, а потоа глобално да ги пласираат своите производи.

„Малите компании треба да си бараат простор за палсман на своите производи на околните пазари, односно на регионално ниво, поради тоа што ја познаваат културата, обичаите и навиките на тие потрошувачи, бидејќи тие се најслични на нас. По неколку основи тие пазари се слични на нашиот пазар“, вели Владимир Вецовски, генерален директор на РЗ Инфомедиа/Златна Книга.

Добрата шанса треба да се искористи. Доколку го оставите пазарот непокриен, ќе влезе некоја друга компанија и ќе ги пласира своите производи. Пазарот го освојуваат луѓето со прогресивни идеи.