
Цените на недвижностите во Германија продолжија да паѓаат и беа за 10,2 отсто пониски во третиот квартал во споредба со истиот период минатата година. Ова е лош знак за секторот на недвижности во најголемата европска економија.
Станува збор за четири последователни тримесечни падови на цените, што не се случило од 2000 година, кога е евидентирано од Заводот за статистика на оваа земја.
Ова е најголемата криза на пазарот на недвижности во последните неколку децении.
„До минатата година имаше шпекулативен ценовен меур во Германија, еден од најголемите во последните 50 години. Оттогаш цените паѓаат. Меурот пукна“, рече Константин Колодилин од Германскиот институт за економски истражувања (DIW).
Секторот на недвижности во Германија и остатокот од Европа со години цвета благодарение на ниските каматни стапки и високата побарувачка. Сепак, наглото зголемување на каматните стапки и трошоците за живот ставија крај на тој тренд.
Падот на цените на семејните куќи во поголемите германски градови е особено изразен во третиот квартал – изнесува 12,7 отсто, додека цените на становите се пониски за 9,1 отсто. Дополнително, нарачките за градежништво во октомври се намалени за 6,3 отсто во однос на претходниот месец.
Германската асоцијација на градежната индустрија објави дека секторот за изградба на станбени згради е на пат кон дополнително намалување на работните места.
Кон крајот на октомври, здружението предупреди дека губењето на работните места во германската станбена индустрија се заканува да предизвика бран банкротства и да елиминира голем број работни места. „Можеме да очекуваме бран банкротства и губење на околу 100.000 работни места“, предупредија тие.
Австриската компанија за недвижности Signa, која има значително присуство во Германија, минатиот месец поднесе барање за стечај, што се смета за најголема жртва на кризата на пазарот на недвижности, пренесува Reuters.











