Германскиот произведувач на спортска опрема Пума го именува Бјорн Гулден за нов извршен директор. Четириесет и седум годишниот Гулден, на 1 јули ќе го замени Франц Кох, кој ја напушти компанијата во март.
Гулден, поранешен фудбалер кој по потекло е од Норвешка, има 20 годишно меѓународно искуство во индустријата за спортска опрема, каде што извршувал различни раководни функции. На почетокот на 2012 година беше именуван за извршен директор на данската компанија Пандора, која се занимава со производство на накит, додека претходно во периодот од 2000 до 2011 година беше генерален директор на најголемиот европски продавач на обувки Дајхман. Пред 2000 година, беше на високи позиции во Хели Хансен и Адидас.
“Задоволни сме што еден искусен експерт со докажани лидерски квалитети ќе ја води Пума. Апсолутно сме убедени дека Бјорн Гулден е совршен избор да ја води Пума низ процесот на реструктуирање и трансформирање со цел да стане најпожелна и најдобра компанија во својот сектор во светот”, изјавија од Пума.