Пуштени во продажба билетите за дневни патници во Венеција

Bо Венеција започна продажбата на еднодневните билети за туристите кои сакаат да го посетат италијанскиот туристички скапоцен камен во наредните месеци.
Во ноември минатата година, градските власти одлучија дневните посетители на Венеција во периодот од 8 до 16 часот во одредени денови во екот на сезоната да плаќаат влез од пет евра.

Посетителите треба да платат онлајн (https://cda.ve.it/en/) и ќе добијат QR-код кој им дава пристап за еден ден. Секој кој е фатен без билет ќе се соочи со парична казна од 50 евра (54 долари) до 300 евра (326 долари).

Влезот ќе се наплаќа за посети од 25 април до 5 мај и сите викенди до средината на јули, освен 2 и 3 јуни. Севкупно, влезот ќе се наплаќа 29 дена. Тие ги одредиле тие датуми затоа што Венеција тогаш е особено полна со посетители.

Жителите на градот и сите родени во општина Венеција ќе бидат ослободени од плаќање, пренесува француската новинска агенција АФП. Има и неколку други исклучоци кои, меѓу другото, се однесуваат на блиски роднини на жителите на градот и на деца под 14-годишна возраст.

Градските власти на Венеција со години дебатираа како најдобро да се управува со прекумерниот масовен туризам. Воведувањето на мерките беше долго одложено поради загриженоста за намалените приходи и ограничувањата на слободата на движење.

Сепак, тие презедоа акција откако УНЕСКО ги предупреди за можната опасност од историскиот локалитет. „Венеција е првиот град во светот кој воведе ваков систем. Тоа би можело да послужи како модел за други слично чувствителни места кои треба да се заштитат“, рече градоначалникот Луиџи Бруњаро минатата година.

Според официјалните податоци, околу 3,2 милиони туристи ноќевале во историскиот центар на Венеција во 2022 година – а во таа бројка не се вклучени илјадниците посетители кои го посетуваат само еден ден. Центарот на градот има помалку од 50.000 постојани жители, но во шпицот на сезоната може да има повеќе од двојно повеќе туристи.

Покрај влезната такса, градските власти на Венеција кон крајот на минатата година воведоа уште една мерка – од почетокот на јуни ќе се забрануваат туристички групи со над 25 лица придружувани од водич и употреба на звучници на туристичките тури.  Исто така, групите туристи повеќе нема да смеат да застануваат на тесни улички, мостови или премини.