Путин предупреди на ризиците од забрзување на инфлацијата

114

Рускиот претседател Владимир Путин предупреди дека постојат ризици од пораст на инфлацијата во земјата, наведувајќи дека понудата на руските производители заостанува зад побарувачката. Тој нареди да се задржи стабилноста на цените во економијата.

На состанокот во Кремљ за економски прашања, Путин изјави дека во тековната година се очекува раст на БДП од над два отсто. Според него, ова целосно ќе го неутрализира падот на економијата во последната година, пренесува Комерсант.

Путин рече дека властите ги гледаат главните ризици за социо-економскиот развој и дека неодамна разговарале со гувернерот на централната банка, Елвира Набиулина. Претседателот на Русија рече дека се согласува со нејзината оценка дека еден од главните ризици е зголемувањето на инфлацијата, која во моментов е умерена.

Путин повика на одржување на ценовната стабилност во економијата и обезбедување рамнотежа на понудата и побарувачката. Според него, Владата треба да придонесе за „максимално проширување на производството на стоки и услуги, отстранување на таканаречените тесни грла во логистиката, енергетиката и реалниот сектор“.

Централната банка очекува инфлацијата да достигне меѓу пет и 6,5 отсто до крајот на годината. Банката на Русија не ја исклучува можноста за дополнително зголемување на основната каматна стапка со цел да се поттикне враќањето на инфлацијата во целната рамка од четири отсто. На почетокот на овој месец основната каматна стапка во Русија беше зголемена по долга пауза од 7,5 на 8,5 отсто.